Пецаковски: Пролет има капацитет да стигне до место во Европа

Дејан Пецаковски ги оправда очекувањата на управата на Пролет, од самиот почеток на авантурата во новиот клуб наметнувајќи се како еден од лидерите во тимот на тренерот Никола Матлиески.

Искусниот бек е главен столб во дефанзивната зона на Пролет, а се очекува во иднина да даде значаен придонес и во нападот на скопскиот суперлигаш.

„Да бидам искрен, презадоволен сум што сум дел од Тинекс Пролет. Пред се сум воодушевен од тимската хемија, слободно можам да кажам дека пријателството што владее меѓу сите ракометари во клубот, такво нешто немам видено досега. Нашите добри игри и резултати се одраз токму на извонредниот колектив што е создаден, а во кој ние како нови ракометари експресно се вклопивме“, вели Пецаковски во разговор за клупската веб-страница.

Според него, реално е клубот да атакува на четвртото место во плејофот, кое значи учество во европските купови.

Верувам дека можеме, дека имаме квалитет да стигнеме до четвртото место кое ќе значи и пласман во европските натпреварувања. Како што реков, тимскиот дух е наш главен адут, на голот го имаме одличниот Ангелов, добро сме покриени на речиси сите позиции. Вистинска штета е што Филип Василевски реши да си замине бидејќи со него ќе имавме уште поголема цврстина во одбраната. Сепак, и вака имаме квалитетен состав со кој сигурно ќе имаме што да кажеме во борбата за излез во Европа, кога ќе дојде до тие натпревари. Засега, приоритет ни е да продолжиме со добри игри и што поскоро да обезбедиме влез во плејофот“, истакнува искусниот бек.

По рутинските победи на стартот на Супер-лигата до моментот на прекин, бекот на Пролет очекува враќање на терените и доигрување на првиот дел од сезоната.

Искрено, стравував дека може да дојде до посериозни повреди на стартот од сезоната, пред се поради фактот дека предолго бевме без официјални натпревари, а сега следеше забрзан ритам петок – понеделник. За среќа, досега беа избегнати посериозни проблеми, меѓу другото и поради добрите подготовки што ги одработевме во изминатиот период. Се надевам дека ќе продолжиме во ист стил до крајот на оваа полусезона. Најважно од се е да се игра ракомет, верувам дека можеме да продолжиме, да го доиграме барем овој прв круг од Супер-лигата, па потоа да се размислува за евентуални други опции доколку ситуацијата биде влошена“, порачува Дејан Пецаковски.

Се вчитува...