Пеце се тресе, клубовите спремни за „бунт“

На само пет дена пред одржувањето на Собранието на Македонската Кошаркарска Федерација, се поизвесно е дека повторно ќе дојде до ситуација Петар Наумоски да мора да се бори за остане на чело на куќата на кошарката. Актуелниот претседател ја преживеа ланската офанзива за негова смена, но извори блиски до ЕКИПА дека овојпат предизвикот за него е уште поголем, бидејќи Наумоски во меѓувреме ја загуби и поддршката на голем дел од клубовите кои лани гласаа за него.

Токму клубовите ќе бидат иницијатори на овие промени, поднесувајќи иницијатива за гласање на (не)доверба во работата на актуелниот претседател. Во Дневниот ред за закажаното собрание нема точка на оваа тема, но клубовите се подготвени со собрани потписи да ја вклучат истата, а потоа и да му изгласаат недоверба на Наумоски. Актуелниот предводник на мак-баскетот за свој адути ќе ги има здруженијата и асоцијациите што целосно ги зеде под свое за минатото собрание, кога ги елиминираше „непослушниците“ од нив, создавајќи паралелни и потоа признавајќи ги оние кои беа под негова контрола.

Сепак, за разлика од ланската битка, овојпат клубовите делуваат далеку посплотени, што може да претставува огромен проблем за Петар Наумоски да го повтори ланскиот успех, да се спаси од работ на амбисот и да остане на чело на македонската кошарка.

Доколку се реализира реалното сценарио – Наумоски да биде прогласен за несоодветен за предводник на МКФ, тогаш автоматски ќе почне да тече рокот за пријавување на кандидати за негов наследник. Како што е добро познато, во моментов постојат две опции, и тоа претходникот на Наумоски, Даниел Димевски, и прославениот македонски репрезентативец Владо Илиевски. Иако едниот од нив упорно тврди дека ќе стане збор за „заеднички проект“ за смена на Наумоски, добро упатени извори тврдат дека Илиевски нема намера да соработува со Димевски, туку планира со своја „нова екипа“ да се обиде да најде излез од големата криза во која се наоѓа македонската кошарка.

До Собранието на МКФ има само уште пет дена, за завршни „пресметки“ и „математики“, како и неизбежното лобирање при евентуалното гласање кое ќе даде одговор дали македонската кошарка ќе сврти нов лист, или ќе продолжи по правецот во кој се движи од првиот ден на доаѓањето на Петар Наумоски на чело.

Се вчитува...