Петте револуционерни тренерски потези на Антиќ: Го „измисли“ Милинко Пантиќ, ја најде позицијата на Чави

Прославениот српски фудбалски стратег Радомир Антиќ замина во вечноста, а „Марка“ му ја посвети насловната страница како благодарност за се што направи за шпанскиот и за европскиот фудбал. Тој беше единствениот тренер што ги водел трите најголеми шпански клубови, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, а неговите тренерски потези ќе се паметат вечно.

ГО „ИЗМИСЛИ“ МИЛИНКО ПАНТИЌ

Радомир Антиќ побара од газдата на Атлетико Мадрид да му го купи тогаш непознатиот фудбалер на Паниониос. Сите мислеа дека е луд, но тој инсистираше Милинко Пантиќ да пристигне во тимот. За само 450.000 евра Милинко Пантиќ стана најдобар играч на Атлетико Мадрид, предводник во освојувањето на двојната круна во сезоната 1995/96.

МОЛИНА БЕШЕ ГОЛМАН, НО И ЛИБЕРО

Уште едно револуционерно решение на Радомир Абтиќ е голманот Молина да игра и како трет бек, односно либеро во тимот. Од него почнуваше секоја акција на тимот, а Атлетико Мадрид благодарејќи на неговата одчична техника имаше „човек повеќе“ кој учествува во играта. Во тој период, тоа беше незамисливо за голманите.

КАМИНЕРО ГО НАПРАВИ МАШИНА ЗА ГОЛОВИ

Хозе Луис Каминеро блесна во полн сјај откако Радомир Антиќ му довери поофанзивна улога на теренот. Тој дојде во Атлетико Мадрид во 1994 година по СП во САД, но почна да блеска дури откако Антиќ седна на кормилото. Тој го извлече најдоброто од прославениот фудбалер од таа генерација на Атлетико Мадрид.

ФЕРНАНДО ЈЕРО СТАНА ВИСТИНСКИ „КОМАНДАНТ“

Капитенот на Реал Мадрид, Фернандо Јеро, беше класичен стопер, но во сезоната 1991/92 Радомир Антиќ увиде дека може да го искористи неговиот потенцијал и во средниот ред. Го постави како последен играч за врска и тој постигна 21 гол во сезоната. Сепак, Антиќ доби отказ од Реал Мадрид со образложение дека тимот не играл доволно атрактивно. Во тој период „кралевите“ беа првопласирани на табелата, а потоа ја загубија шампионската трка со Барселона.

ЈА ПРОНАЈДЕ ВИСТИНСКАТА ПОЗИЦИЈА НА ЧАВИ

Чави Ернандез во сите тимови на патот до првиот состав играше како последен играч за врска во Барселона. Но, Радомир Антиќ на градското дерби против Еспањол го помести уште триесетина метри поблиску до противничкиот гол и практично му ја најде вистинската позиција. Чави стана главен креатор во играта на каталонскиот гигант, еден од најдобрите фудбалери за врска во историјата.

 

 

 

 

Се вчитува...