Пик Сегед се врати од „минус 6“, Канелјас го реши ПСЖ

Пик Сегед направи огромен чекор кон осигурување на второто место во групата А од Лигата на шампионите, откако во дербито на колото го совлада ПСЖ со резултат 32-29. Унгарскиот тим сега на две кола до крајот на групната фаза има два бода предност пред „светците“, со идеална можност да се задржи на втората позиција и за ривал во осминафиналето да добие екипа од послабите групи, но и потоа во четвртфиналето да ги избегне Барселона и Кил.

„Светците“ имаат за што да жалат бидејќи во првите 40-ина минути од мечот беа екипата што доминираше на теренот. Жерар со неколку одлични интервенции ги запре налетите на Унгарците, а на спротивната страна избраниците на Раул Гонзалес наоѓаа пад до мрежата на Миклер. На одмор се замина со резултат 15-18, ПСЖ на стартот од второто полувреме имаше и шест гола предност (15-21), но тогаш Пик Сегед наметна пеколно темпо што гостите од Франција не можеа да го следат. Предноста експресно се стопи, Унгарците израмнија на 23-23, а потоа во неизвесен финиш стигнаа и до огромни бодови.

Жоан Канелјас беше најдобар поединец на натпреварот со десет погодоци, Шоштариќ постигна шест за Пик Сегед, додека најефикасни кај ПСЖ во денешниот пораз беа Хансен со седум и Ремили со шест погодоци.

Се вчитува...