Пиоли: Не планираме да одиме на „Енфилд“ со бело знаменце, одиме да се надигруваме со Ливерпул

Конечно после седум години пост во Лигата на шампионите, Милан се враќа во елитното натпреварување и вечерва ќе гостува на Ливерпул на „Енфилд“. Хендикеп за „росонерите“ ќе биде отсуството на Златан Ибрахимовиќ, но тренерот Пиоли изјави дека нема да се исплашат пред силниот противник и одат на „Енфилд“ да се надигруваат.

„Конечно Милан се враќа таму каде што припаѓа. Нашата група е многу силна, но ние сакаме да направиме наша приказна во Лигата на шампиони. Ливерпул е еден од најсилните тимови во Европа, но ние не одиме на „Енфилд“ со бело знаменце, туку одиме да се надигруваме“, изјави Пиоли.

Тренерот на Милан истакна дека Ибра нема да биде дел од тимот, иако планирал тој да биде во првиот состав за овој дуел.

„Ибрахимовиќ ќе беше стартер, но почуствува болка во тетивата и ќе остане во Милано, но ќе се врати набрзо. Жиру е спремен за игра, го имаме и Ребиќ кој одигра одлично против Лацио. Во Серија А започнавме одлично, но во ЛШ нивото е многу повисоко, а ние сакаме да покажеме дека можеме да играме на такво ниво“, додаде италијанскиот тренер.

Се вчитува...