Пирло е вистински господин, упати честитка на Интер и најави нова шампионска ера на Јувентус!

Вчерашното реми на Аталанта кај Сасуоло (1-1) значеше и крунисување на Интер во нов шампион на Италија, за чија 19. круна дојдоа илјадници честитки од сите страни, но и од тие кои важат за лути ривали.

Андре Пирло беше меѓу првите што им честитаа на „нераѕурите“, тренерот на Јувентус, екипа чија деветгодишна власт е конечно прекината. Тој призна дека на „Старата дама“ и е тешко што треба се бори само за влез во Лигата на шампионите наместо за титула, но потенцира дека ова ќе биде мотивација за неговиот тим од следната сезона да почне нов циклус на доминација.

„Им честитам на Интер и на Антонио Конте за заслужената титула. Ние ќе треба да промениме нешто, бидејќи сакаме повторно да бидеме шампиони. После девет титули по ред, една ера завршува, но ќе започне друга, бидејќи целта ни е пак да бидеме на врвот. Сега треба ментално да се навикнеме дека се бориме за место во ЛШ, а не за титула“, изјави Пирло.

Навивачите на Интер вчера се собраа пред главниот плоштад во Милано каде што околу 30.000 фанови го прославија Скудетото.

Се вчитува...