Пирло го „боцна“ Гасперини: Го играм второто финале во сезоната, а тој го игра второто во неговата кариера

Јувентус и Аталанта вечерва ќе ги одмерат силите во финалето на Купот на Италија. Во пресрет на овој натпревар, на прес-конференцијата зборуваше тренерот на Јувентус, Андреа Пирло, кој веројатно ги брои последните денови на клупата на „Старата дама“.

Пирло зборуваше за вечерашниот натпревар, но го „боцна“ и тренерот на Аталанта, Џан Пјер Гасперини, за кого фудбалските стручњаци сметаат дека е еден од најдобрите тренери на Апенините и пошироко.

“Не мислам дека играта ќе се базира на одбрана, сите знаат дека на натпреварите против Аталанта треба да очекуваме удари кон голот, високо темпо, интензивна игра. Општо земено, ова е натпревар на европско ниво. Ние сме подготвени, знаеме што да очекуваме. Заслуживме да играме во финалето и сакаме да го донесеме купот дома“, истакна Пирло.

Пирло се осврна и за работата на тренерот на Аталанта.

“Имав среќа да учествувам во две финалиња во првата сезона (претходно Јувентус го освои Суперкупот на Италија). За Гасперини е ова второ финале во неговата кариера. Имаме различни патишта, ние сме различни тренери со различни карактеристики. И јас само што го започнувам своето патување и се надевам дека ќе имам уште многу вакви финалиња”, изјави Пирло.

Финалето меѓу Аталанта и Јувентус стартува вечерва од 21 часот.

Се вчитува...