Саша Димитријевиќ се врати во МЗТ Скопје

Актуелниот кошаркарски шампион МЗТ Скопје го назначи Саша Димитријевиќ за нов координатор на својата младинска школа.

Димитријевиќ се враќа во клубот каде претходно работеше како дел од стручниот штаб. Тој зад себе има богато искуство, предводејќи ги речиси сите младински селекции на Македонија. Низ неговата долгогодишна кариера поминаа голем број кошаркари кои подоцна станаа столбови на националниот тим.

Главна задача на новиот координатор ќе биде целосна реорганизација и унапредување на работата во младинските погони. Клубот од Аеродром со овој потег најавува сериозна стратегија за развој на сопствената „фабрика за таленти“ и создавање нови врвни кошаркарски имиња.

„Заедно со управата на клубот и тренерите од младинската школа, Димитријевиќ ќе работи на подигнување на нивото и интензитетот на работа, како и на враќање на препознатливиот сјај на младинскиот погон на МЗТ Скопје – место каде што со години се создаваа врвни кошаркари. Нашата цел е најталентираните млади кошаркари од целата држава уште од најрана возраст да го изберат МЗТ Скопје, каде што ќе добијат најдобри услови за работа, развој и напредок. Тоа ќе биде придобивка не само за нашиот клуб, туку и за македонската кошарка во целина“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.

Се вчитува...