Пирло: Не размислувам за оставка, ќе продолжам да работам сè додека клубот ми го дозволи тоа

Тренерот на Јувентус, Андреа Пирло не размислува за напуштање на клубот и покрај катастрофалните резултати. Актуелниот шампион на Италија синоќа беше поразен од Милан на домашен терен со резултат од 3-0.

На три кола пред крајот на сезоната тимот од Торино е петти на табелата со бод помалку од Наполи, а со ваквов резултат и пласман „Старата дама“ не се наоѓа во зоната за пласман во Лигата на шампиони.

„Не размислувам за оставка, не планирам да дадам оставка. Мојата работа продолжува и покрај тешкотиите. Ќе продолжам сè додека клубот ми дозволи да го сторам тоа. Ова што се случи против Милан беше моја грешка, поставив тактика за која што верував дека ќе даде подобар резултат. Не е лесно да се извлече максимумот од дел од овие фудбалери, свесен сум дека тоа е моја одговорност и затоа ја преземам вината. Сепак, ќе повторам – не размислувам за оставка“, изјави Пирло по мечот со Милан.

Црно-белите беа елиминирани од Порто во осминафиналето во Лигата на шампионите, додека во финалето на Купот на Италија на 19 мај ќе се соочат со незгодната Аталанта. Пирло седна на клупата на Јувентус на почетокот на сезоната наместо Маурицио Сари и ќе остане запаметен како убедливо најслабиот тренер на Јуве во последните десет години.

Се вчитува...