Пишман-аџија: Малком веднаш сака да си замине од Барса

Малком се претвори во една од ѕвездите на летниот преоден рок откако Бразилецот на Бордо реши да откаже договорен трансфер во Рома, за да се пресели во редовите на Барселона. Еднаш „пишман-аџија“, секогаш „пишман-аџија“, па така Малком по неполни три месеци минати во Барса сега размислува за нов трансфер.

Каталонските медиуми тврдат дека Бразилецот е несреќен, тоа се одразува и врз работата на тренинзите, па не му се пишува ништо добро ниту во наредниот период, за кој Валверде не смета премногу сериозно на неговите услуги. Малком веќе им порачал на своите агенти да му обезбедат излез од „Камп ноу“, опција што им одговара и на челниците на Барселона, во обид да вратат поголем дел од парите вложени во овој летен трансфер.

За крилниот офанзивец најзаинтересиран е Интер, но „нероаѕурите“ поради проблемите со финансискиот ферплеј би се согласиле само на позајмица со можност за трансфер на крајот од сезоната.

Малком ланската сезона постигна 12 гола, надополнети со седум асистенции во дресот на Бордо, но во овие три месеци одигра само 25 минути на официјалните натпревари за Барселона.

Се вчитува...