Писонеро: Мечот против Мотор во ЛШ ќе биде тотално различен од тој во СЕХА

Европскиот ракометен шампион Вардар во недела ќе му гостува на Мотор Запорожје во третото коло од Лигата на шампионите. Двата тима веќе играа сезонава во Украина, во СЕХА лигата меч во кој „црвено-црните“ во последната секунда не реализираа пенал за реми. Тренерот на Вардарци, Давид Писонеро вели дека ова ќе биде сосема различен меч од тој во СЕХА.

„Натпреварот ќе биде различен. Тој на почетокот на септември беше веднаш по настапот на Супер глоуб, а сега зад себе веќе имаме повеќе дуели, а формата се подобрува. Мотор покажа дека е добар тим и сигурно повторно ќе биде тешко за игра. Сепак, има разлика, бидејќи ова е Лига на шампиони“, изјави Писонеро. 

Сергеј Горбок го дели мислењето на својот тренер.

„Игравме со Мотор, но сега ќе биде се поинаку. Се покажа дека се незгоден противник, но ние видовме каде треба да се подобриме. Одиме на победа и освојување на бодови“, изјави Горбок. 

Натпреварот меѓу Мотор Запорожје и Вардар се игра во недела со почеток во 17 часот.

Се вчитува...