Писонеро се фати за работа: Го гледам ракометот како Раул и Парондо…

Давид Писонеро ја одржа првата прозивка како тренер на Вардар, а шпанскиот стратег не крие дека желба му е да продолжи по патот на своите сонародници, Раул Гонзалес и Роберто Парондо, кои како тренери на „црвено-црните“ стигнаа до трофејот во Лигата на шампионите. Воедно, Писонеро порача дека е свесен за предизвикот – да продолжи со добрите резултати на своите предтходници.

„Го гледам ракометот како Парондо и Раул, не гледам причина зошто нешто премногу би менувале, но сигурно ќе настојувам да додадам нешто ново во играта на Вардар. Горд сум што сум тука, се надевам дека ќе продолжам по стапките на моите сонародници. Нема да биде лесно бидејќи ако е тешко да се победува, тогаш е уште потешко да се продолжи да се победува. Тоа ќе биде голем предизвик за сите, но ќе работиме напорно. Во моментов најважно е да се фатиме за работа и што подобро да се подготвиме за новата сезона“ – истакна Писонеро.

Шпанецот од првиот ден на подготовките на располагање ги има и шесте нови ракометари: Хозе Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис, Димитар Димитриоски, Домен Сикошек Пелко и Павел Атман.

Се вчитува...