Писонеро: Вардар е европски првак, дојдов да ја одбранам круната

Давид Писонеро сосема неочекувано се најде во фокусот на европската ракометна јавност. Скромниот Шпанецот вршеше солидна работа во Валјадолид, клуб со кој стигна до седмото место во АСОБАЛ-лигата, но летово се соочи со најголемиот предизвик – потпишувајќи договор со европскиот првак Вардар. Логично, шпанскиот стратег го прифати предизвикот, а свесен е дека од „црвено-црните“ секогаш се очекува да се игра на највисоко ниво и да се атакува на тронот на ракометна Европа.

„Јас доаѓам на клупата на освојувачот на ЛШ, што значи дека главен фокус ќе ми биде да го одржам тимот на исто ниво како и минатата сезона. Секако, ќе се обидам да го повторам успехот и да ја одбранам круната, како и уште повеќе да подобрам некои аспекти во играта на Вардар“ – вели новиот стратег на „црвено-црните“ во интервју за официјалната веб-страница на Лигата на шампионите.

Тој е третиот Шпанец во низа кој седнува на клупата на Вардар, по Раул Гонзалес и Роберто Гарсија Парондо.

„Кога зборуваме за шпански тренери, наша одлика секогаш е напорната работа и многу специфичниот начин на кој го гледаме ракометот. Наследувањето на Гонзалес и на Парондо не значи дополнителен притисок, напротив, јас би сакал максимално да го искористам сето она што моите колеги го имаат сторено со тимот. Се надевам дека со тоа Вардар повторно ќе се бори за трофејот“ – истакнува Писонеро.

Неколку важни играчи си заминаа, па новиот тренер ќе мора што поскоро да ангажира адекватни засилувања за „црвено-црните“.

„Засега не би зборувал за имиња, но ќе барам играчи кои можат да ни помогнат и во нападот и во одбраната и кои лесно би се адаптирале во нашиот систем на игра“ – малку открива Писонеро во својот одговор на оваа тема.

Тој се осврна и на последните две години минати на чело на Валјадолид, тим со кој беше далеку од битката за висок пласман во АСОБАЛ-лигата.

„Презадоволен сум од работата што ја завршив во Валјадолид. Со оглед на буџетот што го имав, мислам дека тимот одлично се развиваше на колективен план, а и секој од ракометарите напредуваше индивидуално гледано. Да се седне на клупата на освојувачот на Лигата на шампионите е голем чекор напред во мојата кариера. Тоа со себе носи многу радост, гордост, но и голема одговорност“ – порачува Давид Писонеро.

Се вчитува...