Пјаниќ ја откри формулата за успех на Јуве

Јувентус вечерва му гостува на Монако на „Луј Втори“ во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите, а босанскиот интернационалец Миралем Пјаниќ најави дека италијанскиот првак ќе атакува на триумф. Тој вели дека „старата дама“ има изградено неверојатен победнички дух и тоа го носи тимот напред, кон освојување на нови трофеи. Јувентус е на чекор до одбрана на титулата во Италија, а го напаѓа и финалето во Лигата на шампионите.

„Се додека не бев дел од Јуве, не знаев што е тоа што го носи овој тим напред. Но, кога ќе дојдете во Торино и ќе го облечете дресот на Јувентус, тогаш сфаќате дека сте дел од една долга победничка традиција, и сето тоа ве мотивира да продолжите напред, со нови победи. Ние и вечерва против Монако ќе играме со една цел – да оствариме триумф. Го респектираме противникот, но и максимално веруваме во нашите квалитети. Нашата цел е да ја освоиме Лигата на шампионите“, изјави Миралем Пјаниќ.

Тренерот Масимилијано Алегри на вечерашниот меч нема да може да смета на суспендираниот Сами Кедира, а на негово место најверојатно ќе истрча искусниот Клаудио Маркизио. Надвор од тимот е единствено уште младиот дефанзивец Даниеле Ругани.

 

Се вчитува...