Планот на Инфантино ја збесна Европа – Реагираше и француската влада

Никој не е мирен и никој не е рамнодушен на иницијативата на Џани Инфантино да продаде дел од акциите на Мундијалот на приватни фондови.

Европските фудбалски функционери го активираа алармот до максимум откако дознаа дека шефот на Светската фудбалска федерација планира да продаде дел од најважниот турнир на богати инвеститори.

За само 24 часа од објавувањето на тој план, сите релевантни фудбалски организации во Европа, предводени од УЕФА, се мобилизираа, и сите тие како еден цврсто застанаа против идејата што Инфантино планира да ја спроведе.

Целата приказна, очигледно, оди многу подалеку од самата игра.

За прв пат во историјата, претседателот на ФИФА нуди на продажба удел во управувањето со Светското првенство, што, благо речено, го згрози фудбалскиот свет.

Реакции доаѓаат и од важни политички личности кои полека се приклучуваат на „движењето на отпорот“ против претседателот на ФИФА. Имено, по предложената продажба на акциите на Светското првенство, француската влада објави дека најважните фудбалски функционери ќе одржат итен состанок оваа среда.

„Европските фудбалски власти ќе одржат итен состанок во среда“, изјави француската министерка за спорт Марина Ферари, само еден ден откако ФИФА ги објави плановите за отворање на вратите за приватни инвеститори.

„Соочени со проект кој би можел длабоко да ја трансформира рамнотежата во нашиот спорт, од суштинско значење е европските засегнати страни да зборуваат со еден глас“, напиша Марина Ферари на социјалната мрежа „X“.

УЕФА веќе вчера се изјасни против овој проект, кој го смета за „линија што институциите што го регулираат фудбалот никогаш не треба да ја преминат“.

Се вчитува...