Гостивар брка израмнување, МЗТ сака „брејк“

Гостивар и МЗТ Скопје Аеродром вечерва го играат вториот натпревар од полуфиналната серија во домашниот кошаркарски шампионат. Tимот од Аеродром поведе со 1-0 откако во  неделата во „Јане Сандански“ славеше со 87-68, но гостиварци се решени да ја искористат предноста на домашниот терен за на денешниот дуел да стигнат до израмнување.

„Не смее да не излаже убедливата победата која ја имавме против МЗТ во последниот меч на домашен терен. Првиот натпревар од серијата го добија бидејќи имаат поголема ротација. Имаат 12 играчи кои што можат да одиграат одлично. Ние имаме проблеми со повредени играчи на центарските позиции, но јас и Диме Тасовски ќе се обидеме да помогнеме во тој дел од играта и се надевам со пожртвувана игра и помош од нашата публика ќе го израмниме резултатот во полуфиналната серија“, вели Ивица Димчевски. 

Бекот на МЗТ, Дарко Соколов смета дека на тешкото гостување во Гостивар ќе мора да одиграат многу подобро во одбраната за да успеат да стигнат до брејк, со кој пред својата публика ќе можат да го решат победникот во серијата.

„Секој натпревар со Гостивар е тежок. Имаат искусни кошаркари кои знаат да играат. Се надевам дека ќе одиграме уште подобро во одбраната, ќе направиме брејк за водство од 2-0, за да можеме на домашен терен да ја решиме серијата“, истакнува Соколов.  

Натпреварот на програмата е денеска во спортската сала „Младост“ во Гостивар, со почеток во 18 часот.

Се вчитува...