Плејаут: Кожув со триумф за опстанок, Вардар до џиновска победа во Охрид

Третата рунда од плејаут разигрувањето донесе две интересни средби во кои гостинските екипи стигнаа до значајни победи, Кожув за обезбедување на опстанокот, а Вардар за враќање на шансите за освојување на второто место на оваа мини-табела.

Кожув во Кисела Вода беше подобар од тимот на Академија ФМП, триумфирајќи со 85-90, за победа со која тимот од Гевгелија си го запечати опстанокот во елитното друштво и во наредната сезона. Гостите од Гевгелија на почетокот од четвртата четвртина направија пресврт, по што ја задржаа предноста до финишот, за точка на триумфот од линијата за слободни фрлања да стави искусниот Димитар Караџовски.

Марковиќ со 29 поени и 13 скокови беше клучна фигура на овој натпревар кај Кожув, Вујадиновиќ имаше 16 поени, 13 скокови и 8 асистенции, додека најдобар поединец кај Академија ФМП беше Американецот Робертс со 32 поени.

Вардар славеше на гостувањето против Охрид со резултат 72-80, триумф со кој „црвено-црните“ си ги задржаа шансите во борбата за опстанок во елитното друштво. Охриѓани го контролираа резултатот во првото полувреме, на одмор заминаа со предност од 47-43, но пресудна се покажа серијата од 0-13 со која „вадарци“ ја отворија третата четвртина. Избраниците на тренерот Јованчев беа доволно мирни за да ја задржат предноста до самиот крај, а најефикасни во големиот триумф беа Фаџет со 29 и Кејс со 16 поени. Најдобри поединци во таборот на Охрид во денешниот пораз беа Димовски и Ибраими со по 12 поени.

На три рунди до крајот, Кожув е веќе сигурен со скор од 8 победи и 17 порази, но затоа жестоки битки ќе следиме за преостанатото место за опстанок, ако се знае дека Вардар, Охрид и Академија ФМП имаат идентични 5-20 по досегашните 25 одиграни натпревари во елитното друштво.

Се вчитува...