Плејаут-лига: КЛ7 броеше до 40, Работнички изненаден во Кисела Вода

Ракометарите на Голден Арт КЛ7 забележаа убедлива победа од 30-40 на гостувањето против Астраион, правејќи уште еден чекор напред кон обезбедување на опстанок во елитното друштво. Струмичани поведоа со 5-2, потоа имаа и водство од 7-6, а гостите од Скопје со серија од четири гола го свртеа резултатот во своја полза, до крајот стигнувајќи и до двоцифрена предност. Темелкоски и Каковски со по седум погодоци беа најефикасни во таборот на Голден Арт КЛ7.

Јуниор Кисела Вода пријатно изненади земајќи го скалпот на Работнички со триумф во скопската пресметка од 32-25. Работнички водеше со 0-2, за потоа Јуниор да ја преземе контролата и да го контролира резултатот се до самиот крај, заслужено радувајќи се на победата. Бајрактаревиќ со осум и Трајковски со седум гола беа главни фигури во победничкиот тим, додека на Работнички не му помогнаа ниту 12-те погодоци на Ончев.

Најнеизвесно беше во Богданци, каде Младост по огромна битка загуби од Тиквеш со минимални 21-22. Димитров на една минута до крајот донесе израмнување на домаќините, но голот за триумф на Тиквеш го постигна Кондев, негов шести на натпреварот.

Се вчитува...