Плејаут: Тиквеш подобар од КЛ7, Работнички падна во Богданци

Тиквеш триумфираше со 30-27 над Голден Арт КЛ7 во рамките од плејаутот од ракометниот шампионат, со што кавадарчани си ги зголемија шансите за опстанок во елитното друштво. Ракометарите на Тиквеш цел меч го контролираа резултатот, во раната фаза поведоа со 7-3 и потоа имаа водство до самиот крај на мечот. Гостите од Скопје се приближија до 22-21 и 23-22, но тоа беше се што избраниците на Котевски успеаја да сторат, па Тиквеш на крајот заслужено се радуваше на победата. Смиљаниќ постигна девет, а Јанчев осум гола за победничкиот тим, додека прв стрелец на Голден Арт КЛ7 беше Игор Ѓоргиев со девет погодоци.

Најнеизвесно беше во Богданци, каде Младост по огромна битка го совлада Работнички со 24-23. Ова воедно и беше пресметка на двајца одлични стрелци, Караиванов ги предводеше домаќините со единаесет гола, додека во таборот на гостите Ончев десет пати се запиша меѓу стрелците.

Прилеп на гостински терен го совлада тимот на Астраион со 25-29, меч на кој Чантурија и Тренчевски беа најефикасни кај победничкиот тим со по шест погодоци.

Радовиш како гостин триумфираше над Јуниор КВ со 32-34, дуел на кој блескаше Ивица Илиев со дванаесет постигнати гола.

Се вчитува...