ПЛИВАЊЕ – ЛОИ: Светски рекорд за штафетата на САД, Дресел е најдобар пливач на ЛОИ во Токио

Последниот ден од пливачките натпреварувања на Летните олимписки игри во Токио ни донесе големи возбудувања. Американецот Кејлеб Дресел ќе биде најтрофејниот пливач на игрите откако успеа да освои дури пет златни медали.

Штафетата на САД на 4х100 метри мешано стигна до златниот медал со нов светски рекорд. Штафетата во состав Рајан Марфи, Мајкл Ендрју, Кејлеб Дресел и Зек Ејпл делницата ја исплива за време од 3:26.78 минути што беше за 50 стотинки подобро од светскиот рекорд од далечната 2008 година во сопственост исто на Американците, предводени од легендарниот Мајкл Фелпс. Среброто и припадна на Британската штафета, додека со бронза се закитија Италијанците.

Женската австралиска штафета на 4х100 метри мешано во крајно неизвесна трка стигна до златниот медал пред Соединетите Американски Држави и Канада. Штафетата во состав Кајли Мекион, Челси Хоџинс, Ема Мекион и Кејт Кемпбел постави време од 3:51.60 минути што е резултат за нов олимписки рекорд.

Кејлеб Дресел триумфираше на спринтот на 50 метри слободно кај мажите со нов олимписки рекорд од 21.07 со што го подобри остварувањето на Бразилецот, Цезар Сиелјо Филјо од 2008 година и игрите во Пекинг. Сребрениот медал му припадна на повратникот во базените, Французинот, Флоран Манаду, додека Бразилецот Бруно Фратуш стигна до бронзата.

Во истата дисциплина кај дамите златниот медал и припадна на Австралијката Ема Мекион коа постави и нов олимписки рекорд 23.81. Легендарната Швеѓанка Сара Сјестром заврши како сребрена, додека третото место и припадна на шампионката од Рио, Перниле Блум од Данска.

По златото на 800 метри, Американецот, Боби Финк триумфираше и на најдолгата трка во базените. Тој делницата од 1500 метри ја исплива за време од 14:39.65 минути. Второто место му припадна на Украинецот, Михаило Романчук, додека со бронза се закити Флориан Велбрук од Германија.

Се вчитува...