ПЛМ: „Да се биде или не“ за Кожув, значајни натпревари во Гевгелија и Кисела Вода

Прволигашите немаат многу време за одмор, бидејќи по натпреварите кои беа одиграни во среда, односно четврток, шест екипи се враќаат на сцената со три нови дуели од 21. коло во кои Еуро Никел го пречекува Вардар, МЗТ Скопје 2 гостува во Кисела Вода против Академија ФМП, додека Куманово на домашен терен ќе го угости Кожув.

Првиот натпревар ќе биде одигран во „Јасмин“ каде од 18 часот „сино-белите“ на Самарџиев ќе се обидат да ја продолжат победничката низа на четири триумфи во низа против расположениот Вардар. Домаќините на овој натпревар ја имаат фаворитската улога, но на кавадарчани нема да им биде нималку лесно против „црвено-црните“ кои оваа сезона покажаа карактер и борба на секој натпревар до самиот крај.

За разлика од Еуро Никел, Вардар во последните пет натпревари има забележано четири порази па враќање на победите и осигурување на што повеќе триумфи во пресрет на плејаутот ќе биде мотив повеќе за избраниците на Јованчев.

Од 18 часот започнува и дуелот во Кисела Вода каде Академија ФМП ќе се обиде да стигне до 11 победа во сезоната со што драстично ќе ги зголеми шансите за осигурување на место во Суперлигата на едно коло пред крајот на регуларниот дел од сезоната.

МЗТ Скопје 2 се наоѓа во „мртва трка“ со Вардар за избегнување на претпоследната позиција пред следниот дел од натпреварувањето, па „штркчињата“ на Даскаловски ќе се обидат да ја пренесат добрата игра од првиот меѓусебен натпревар и денеска и да стигнат до „петката“ во сезоната.

Последниот натпревар е воедно и најинтересниот од денешната програма, а во него од 18 часот и 30 минути силите ќе си ги одмерат Куманово и Кожув. Овие два тима се наоѓаат на „раскрсницата“ помеѓу плејофот и плејаутот, па победата ќе биде императив за „сино-белите“ и „црвено-белите“.

Куманово се наоѓа во поповолна ситуација со оглед на тоа што избраниците на Ѓорѓиевски имаат учинок од 9 победи и 5 порази, за разлика од Кожув кој по 18 одиграни средби има скор од 8-10, а тоа значи дека само победа ќе ги остави гевгеличани во игра за „победничкиот“ дел од следната рунда.

Се вчитува...