ПЛМ: Еуро Никел е првиот патник во полуфиналето

Еуро Никел е првиот патник во полуфиналето од разигрувањето за титула во мак-баскетот откако кавадарчани го добија и вториот четвртфинален дуел против Гостивар, овој пат со 68-74. Избраниците на Самарџиев повторно одиграа најдобро кога беше најпотребно, во вистинско време го консолидираа падот во играта и заслужено стигнаа до следната фаза од натпреварувањето.

Гостите продобро се снајдоа на отварањето на натпреварот па постојано ја диктираа играта во првата четвртина во која поведоа со 12-19. Добрата игра на Еуро Никел продолжи и на отварањето на вторите десет минути во кои израниците на Самарџиев стигнаа и до +10 (14-24), меѓутоа кавадарчани не успеаја да го задржат темпото. Тоа го искористија домаќините кои на крилјата на Николиќ од минута во минута ја топеа предноста и на полувремето стигнаа до егал (34-34).

Второто полувреме започна со изедначена игра на двете страни на теренот во која ниту еден тим не успеа да направи значајна преднсот, а по 30. минути игра гостите имаа минимална предност од 53-54. Еуро Никел подобро ја отвори одлучувачката четвртина во која стигна до предност од седум поени (55-62), која ја одржуваа до крајот на мечот. Гостивар ги искористи грешките на гостите на крајот на мечот и стигна до негатива од четири поени (67-71), а и покрај тоа што имаше шанси дополнително да ја намали негативата, не успеа во своите намери.

Александар Костоски беше прво име кај домаќините со 15 поени и 7 асистенции, него го следеше Николиќ со 14 поени, додека како двоцифрени натпреварот го завршија и Тодоровиќ со 13 поени и 9 скока и Лакиќ со 12 поени и 7 скока. Данило Мијатовиќ беше предводник на Еуро Никел со 18 поени, 14 поени и 7 асистенции додаде Дарко Соколов, додека со 14 поени натпреварот го заврши и Никола Караколев.

Се вчитува...