ПЛМ Финале: Двојна круна во Аеордром или враќање на титула во Кавадарци?

Како што се наближува крајот на првенството така следат и најбитните дуели во мак-баскетот – дуелите за титула. Во овогодишното финале ќе се сретнат тимовите на МЗТ Скопје и Еуро Никел, а овој кој ќе слави три пати ќе го даде одговор на прашањето дали Аеродром повторно ќе слави „дупла круна“ или пак по десет години, титулата повторно ќе замине во Кавадарци.

Првиот меч од серијата ќе биде одигран денеска со почеток од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје ќе се обиде да ја одбрани предноста на домашен терен. Избраниците на Дарко Радуловиќ во овој меч влегуваат со улога на фаворит, но за славје против преискусниот тим на Еуро Никел ќе мораат да бидат на врвот на својата задача.

„Не очекува тешка серија против искусната екипа на Еуро Никел која игра одлична кошарка. Улогите им се добро поделени и хемијата им е на високо ниво. Мора да го одбраниме домашниот терен доколку сакаме да ја освоиме лигата, а за тоа треба да ја искористиме подолгата клупа, да ги наттрчаме и да го исконтролираме скокот. Штета што нема да биде присутна публиката да ужива во овогодишното финале“, изјави Андреј Магдевски.

Кавадарчани веќе еднаш оваа сезона го освоија Аеродром, но сега влогот е многу поголем. Избраниците на Горан Самарџиев знаат како се освојуваат титули на домашната сцена, дел од играчите тоа го правеа и во дресот на МЗТ Скопје па искуството е во полза на денешниот гостин.

„Играта на МЗТ се базира на агреисвна одбрана и брза транзиција, секако имаат и предност на домашен терен и поголем ростер на располагање, што и ги прави фаворити. Ако успееме да одговориме на нивата агресивност би имале некаква шанса. Нашата задача е да го дадеме максимумот и да уживаме во финалето па нека победи подобриот“, изјави Дарко Соколов.

Фактор кој може да пресуди во оваа серија е подолгата клупа која е во полза на МЗТ Скопје, поготово во ситуацијата кога дуелите се играат во темпо среда-петок-недела, но истото се покажа и кобно по Работнички, кој не го служеше шутот во полуфиналето, па кавадарчани успеаја со „брејк“ да заминат од главниот град, да го стават притисокот на противникот и да ги олеснат шансите за финале.

Шутот на избраниците на Дарко Радуловиќ ќе биде клучен и во текот на целата серија, а погледите ќе бидат насочени кон високите играчи на МЗТ Скопје кои ќе мораат да го рашират рекетот за да ја искористат висината од 219 сантиметри на Роберт Рикиќ во своја полза. „Пик“ играта е онаа која го краси Еуро Никел во текот на целата сезона, Дубински, Соколов и Рикиќ, како и Петровски добро се снаоѓаат на мал простор, па и аеродромци ќе мораат да бидат на врвот на својата задача во одбраната.

Очекувањата за оваа серија се големи, а јасно е дека истата ќе биде проследена со големи надмудрувања на двата млади стратега. Она што на сите ќе се радуваме е доколку изостанат „надворешни“ фактори, а победи подобриот и победи кошарка.

Се вчитува...