ПЛМ Финале: Изедначување или „брејк“ за чекор до титула

По одличниот прв финален натпревар во кој МЗТ Скопје успеа да го одбрани својот дом и да слави со 83-81, серијата се префрла во Гевгелија каде Еуро Никел од 17 часот ќе се обиде да дојде до изедначување.

Избраниците на Горан Самарџиев одлично го започнаа натпреварот и имаа водство од 14-0, нешто подоцна и 24-8 во првата четвртина, но не успеаја да го задржат високиот ритам до самиот крај и со „брејк“ да заминат од Скопје и покрај тоа што во самата завршница стигнаа и до негатива од само еден поен.

„Првиот финален натпревар покажа дека двете екипи заслужено се во финалето и дека ќе биде неизвесно до самиот крај на серијата. Пред да кажам било што за натпреварот навистина беше убаво да ги видам навивачите на трибините бидејќи тоа ми буди убави спомени од времето поминато во МЗТ Скопје. Штата што поголем дел од нив мораше да ја напушти салата. Што е до самиот натпревар, имавме добар почеток, но поради нашите грешки МЗТ многу брзо се врати во мечот. Падот во играта кај нас и некои наши грешки резултираа со тоа противникот да направи поголема предност, но не се предадовме и во последната четвртина успеавме да го доведеме натпреварот во неизвеност во која МЗТ подобро се снајде. Според мене треба само да го задржиме истиот пристап и за денешниот меч, да ги сведеме изгубените топки на минимум и мислам дека можеме да дојдеме до посакуваната победа“, изјави Данило Мијатовиќ.

Аеродромци пак умешно ја искористија поголемата ширина во клупата, тренерот Радуловиќ во вистински момент ја најде правата петорка која ја зацврсти одбраната и со серија од 19-1 успеа да донесе водство за „штрковите“.

„Во првиот натпревар игравме периодично агресивно во одбраната и тоа не чинеше да не го сведеме мечот во помирен крај така да мислам дека клучно за нас во денешниот натпревар ќе биде нашата претпознатлива агресивна игра и во нападот и во одбраната. Еуро Никел докажа дека е преискусна екипа која добро се чита на паркетот. Предноста ја гледам во тоа доколку успееме да го наметнеме нашиот ритам со претпозатлива одбрана и брзата игра во нападот“, изјави Адем Мекиќ.

Во првиот финален натпревар МЗТ Скопје успеа да го исконтролира скокот по првата четвртина и тоа придонесе аеродромци да постигнат 26 поени во транзиција. Покрај тоа избраниците на Радуловиќ успеаја да го лимитираат Роберт Рикиќ во играта на низок пост, нешто што повторно ќе биде од големо значење и денеска.

Еуро Никел пак имаше одличен шутерски ден во кој постигна 13 тројки од 27 обиди, но кавадарчани доколку сакаат денеска да се надеваат на изеднчување ќе мораат да ја зацврстат одбраната во рекетот, сегмент од играта во кој примија 42 поени.

Се вчитува...