ПЛМ Финале: Прва меч топка за МЗТ Скопје

Една победа го дели МЗТ Скопје од продолжување на доминацијата во мак-баксетот со осма титула во девет години откако избраниците на Дарко Радуловиќ славеа во првите две средби од серијата против Еуро Никел. Првата меч топка „штковите“ ја имаат веќе денеска со почеток од 17 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“.

Кавадрачани се покажаа како одличен противник на аба-лигашот во оваа серија, при што „сино-белите“ се намачија да стигнат до две победи, но аеродромци умешно ја користеа ширина на клупата за во финишот на двата натпревари да го искористат уморот во таборот на противникот и со дополнителна доза на енергија прво да го одбранат домашниот терен, а потоа и да направат „брејк“ во Гевгелија.

Заморот е очигледен кај избраниците на Горан Самарџиев кои експресно го започнуваат натпреварот и веќе по воведните десет минути имаат „комотна“ предност, на првиот меч во еден момент разликата изнесуваше 24-8, додека во вториот по десет минути игра имаа и „плус“ осум, но искусните статери не можат да го задржат ритамот во текот на целиот натпревар, изостанува вистинската помош од клупата, а тоа го користи МЗТ Скопје за веќе до полувремето да се врати во игра.

Сепак од таборот на кавадарчани и покрај опструкциите најавуваат жестока битка и во натпреварот број три на кој ќе дадат се од себе за серијата да продолжи со нов натпревар во Гевгелија.

„Немавме многу време да се одмориме во ова пеколно темпо, но во Скопје не одиме со наведнати глави. И покрај тоа што е 2-0 во серијата, ќе се бориме се додека има за играње, ќе дадеме се од себе и ќе се обидме да ја продолжиме серијата. Искусен тим сме и во ниеден случај нема предавање“, изјави за ЕКИПА, Дарко Соколов.

Се вчитува...