ПЛМ: Последна шанса за ФМП, Гостивар, Куманово и ТФТ

Прволигашката програма се враќа денеска во етерот со вторите четвртфинални дуели од разигрувањето во кои Академија ФМП, Гостивар, Пелистер и Куманово немаат право на грешка доколку сакаат да останат во игра за титулата на домашната сцена.

Првиот натпревар денеска ќе биде одигран во „Младост“ каде од 17 часот Гостивар го пречекува Еуро Никел. Гостиварци на првиот натпревар од серијата беа целосно натскокани од кавадарчани, а овој сегмент од играта многу ќе значи и на денешниот меч. Покрај тоа „сино-белите“ мора да фатат ритам во шутот за три поени, со оглед на тоа што бековската линија на Самарџиев беше на врвот на својата задача во првиот меч.

Триесет минути подоцна (17:30) Академија ФМП ќе се обиде да ја повтори добрата игра од второто полувреме во Битола и да стигне до „мајсторка“. Пелистер не успеа да го лимитира Крстајиќ на првиот меч, меѓутоа во полза на „зелено-белите“ е фактот дека помеѓу првиот и овој меч „академиците“ имаа само ден одмор.

Од 19 часот ќе бидат одиграни две средби, а една од нив ќе биде во Куманово каде избраниците на Ѓорѓиевски го пречекуваат МЗТ Скопје. Аеродромци повторно одиграа одличен натпревар на двата дела од теренот на кој умешно ги искористија грешките на кумановци, го лимитираа Ливингстон во второто полувреме и стигнаа до лесна победа. Куманово ќе мора да се надева и на добар шутерски ден доколку сака да остане во игра за полуфинале.

Во исто време започнува и средбата помеѓу ТФТ и Работнички на „Кале“. Двата тима ги оправдаа очекувањата на првиот натпревар, а одлучи искуството на „црвено-белите“. Уморот беше очигледен кај двете екипи кои промашија вкупно 23 слободни фралања на мечот, па ќе биде интересно да видиме кој ќе биде „посвеж“ на оваа средба. Подолгата клупа е во полза на Работнички, но време е да блеснат и младите играчи во редовите на ТФТ.

Се вчитува...