ПМФЛ, 10. КОЛО: „Пандевци“ го сопираат налетот на Шкендија кон врвот

Пет натпревари од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига се на програмата денеска, меѓу кои се чини најнеизвесно и најинтересно ќе биде во Струмица.

Академија Пандев на стадионот „Благој Истатов“ го пречекува тимот на Шкендија. Екипа која три кола нема победа, против тим кој не знае за пораз седум кола, а во последно време влезе во форма и се враќа кон врвот на табелата.

„Пандевци“, пак, на последниот натпревар на свој терен беа поразени од Шкупи, и го претрпеа првиот пораз сезонава, со што му овозможија на тимот од Чаир да се искачи на чело на табелата со добра разлика пред нив.

Тренерот на Академија Пандев, Александар Васоски го респектира противникот, и ветува дека неговите играчи ќе дадат се од себе да остварат триумф на овој натпревар.

„Ќе биде неизвесен и тврд натпревар. Можеби на крајот ќе одлучуваат и детали. Максимално ја респектираме екипата на Шкендија. Влегоа во форма, играат добро во последно време, се враќаат кон горниот дел на табелата и секако мора сериозно да го сфатиме предизвикот. Можам да ветам максимум од моите фудбалер и борба. Сите сме на располгање, немаме некои поголеми проблеми со составот. Секако дека посакувам победа, ќе одиме да ги освоиме трите бода, и се надевам дека ќе успееме“, рече за ЕКИПА, Александар Васоски.

ИНТЕРЕСНИ БРОЈКИ И ФАКТИ

  • До сега овие два тима одиграле меѓусебно 14 пати, од кои 4 победи има Академија Пандев, 2 нерешени средби и осум триумфи има Шкендија
  • На нивните меѓусебни натпревари, постигнати се вкупно 30 гола, од кои 12 постигнале фудбалерите на Академија Пандев, а 18 играчите на Шкендија
  • Академија Пандев има само еден постигнат гол на последните три натпревари, и нема победа, со скор од две ремија и еден пораз
  • Шкендија последен пат загубила прволигашки меч во август, кога беа поразени од Ренова
  • Тетовскиот тим нема пораз на гостински терен сезонава
  • Шкендија ги доби сите четири последни пресметки со Академија Пандев, но никогаш со повеќе од еден разлика (два пати 1:0 и два пати 2:1)
  • Само еднаш во нивните меѓусебни пресметки имало победа од повеќе од еден разлика, и тоа кога Шкендија ја совлада Академија Пандев со 4:1 во мај 2019 година
  • Повеќе од пола голови за Академија Пандев ги постигнал Мартин Мирчевски. Целиот тим има 14, а сам Мирчевски досега има осум погодоци

ПМФЛ – 10. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Струга: СТРУГА ТЛ – БОРЕЦ

Струмица: АК. ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА

Штип: БРЕГАЛНИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Тетово: РЕНОВА – ПЕЛИСТЕР

Кавадарци: ТИКВЕШ – ШКУПИ

ВЧЕРА: РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ 0-1

Се вчитува...