ПМФЛ 10. КОЛО: Скопје со цел плен од гостувањето кај Работнички (ВИДЕО)

Скопје со сите три бода се враќа од гостувањето кај Работнички. „Пиратите“ во вториот дел беа целосно подобар противник од својот ривал, и со автогол дојдоа до победа. Натпреварот го одбележаа два нереализирани пенали, по еден на двете страни, црвен картон и многу неискористени шанси.

Немаше голови по првиот дел иако возбудувањата не изостанаа. Скопје тргна офанзивно на почетокот, а потоа Работнички многу подобар противник. Откако гостите не го најдоа патот до голот, можеше да го стори тоа Тантуровски кој во 11. минута промаши идеална прилика. Празен гол од 5-6 метри не реализираше.

Нападите на „романтичарите“ продолжија, а во 30 минута досуден пенал за Работнички. Марио Станковски го изнуди, го изведе, но Ефремов одбрани. Во финишот на првиот дел поништен гол за Скопје.

Во вториот дел многу подобар противник беа гостите од Автокоманда. Демир беше најопасен по таа десна страна на Скопје, а „пиратите“ успеаја да реализираат и да ја материјализираат подобрата игра.

Досуден корнер во 56 минута, Јанакиевски нафрли, а Марио Станковски излезе трагичар на натпреварот, си постигна автогол за водство на Скопје.

Дополнителен проблем претставуваше црвениот картон на Бојан Илиевски, па Работнички требаше да го стигнува водството со играч помалку.

Скопје ја чекаше својата шанса преку противнапади, и ја дочека во 85 минута, но немаше реализација. Тантуровски стартуваше над Јашароски, со што Ставрев покажа на белата точка за Скопје. Јанакиевски го изведе пеналот, но овој пат Мустафа одбрани, со што на мечот имаше и втор неискористен пенал.

На крајот Работнички немаше можност да дојде барем до израмнување и до бод, па Скопје ги однесе бодовите од „Арената“.

Се вчитува...