ПМФЛ, 11. КОЛО: Тетово го покажува патот кон горниот дел, Работнички по „скалпот“ на Шкендија

Денеска се играат останатите пет натпревари од Првата фудбалска лига, во која според моменталниот изглед на табелата и според историјата во последните години, најинтересно ќе биде во Тетово, каде што Шкендија ќе го дочека Работнички.

И двата тима во пресметката влегуваат со порази од последните дуели во првенството. Шкендија загуби на гостувањето кај Академија Пандев, и го загуби тој директен дуел за патот кон врвот на табелата, а Работнички изненадувачки беше поразен од Скопје дома, и беше спречен да има повеќе бодови, за да се вмеша во борбата за врвот. Затоа овој дуел ќе го покаже патот кон горниот дел на табелата или за едниот, или за другиот тим, со оглед дека и Шкендија и Работнички заостануваат многу зад водечкиот Шкупи кој има 26 бодови.

„Како и на секој натпревар, влегуваме да победиме. Така ќе биде и на натпреварот со Работнички. Атмосферата во екипата е добра, што ни помогна и последниот дуел со Ренова во Купот, кој носи мотив повеќе за следните натпревари. Нашата цел е да се искачиме кон врвот на табелата, и сите сакаме и убедени сме дека можеме да го постигнеме. Но, да не заборавиме дека сме тим кој и натаму се воигрува, затоа што имаме нови играчи, и за такво нешто треба време. Најважно е сите да дадеме максимум и да ја постигнеме целта“, рече Синдрит Гури, фудбалерот на Шкендија.

И на останатите терени не очекуваат интересни битки за бодови. Македонија ЃП по серијата на неуспешни резултати со нов тренер ќе го пречека тимот на Струга Трим Лум. Стружани, кои оваа сезона се далеку од изданијата кои ги покажуваа минатата сезона, сакаат да ја искористат слабата форма на „лавовите“ и да се обидат да дојдат до триумф.

Академија Пандев има незгодно гостување кај Борец, кој исто така доби нов тренер во името на Јане Николоски. Академија Пандев, пак, осоколена по победата над Шкендија, и вчерашниот пораз на Ренова, може да се доближи до второто место и потоа да се обиде да го стигне и тимот на Шкупи на чело на табелата.

Пелистер првата победа во првенството ќе ја бара против Брегалница пред своите навивачи, а Брегалница, пак, шанса да фати приклучок кон врвот по серијата на добри резултати.

Скопје по триумфот над Работнички, сега на домашен терен ќе „брка“ победа со Тиквеш. Кавадарчани може да бидат незгоден ривал, а тоа го покажаа на дуелот со Шкупи во Купот кога загубија минимално со 1:0, но многу лесно можеше да се случи и да биде поинаку, особено што не реализираа неколку шанси.

 

Standings provided by SofaScore LiveScore

Се вчитува...