ПМФЛ, 5. КОЛО: Дуел на водечките во Струга, Шкендија на „рехабилитација“ во Кавадарци

Дека Струга ТЛ – Силекс ќе биде дерби на 5. коло во ПМФЛ, тешко дека некој ќе можеше да претпостави пред поетокот на сезоната, но според игрите кои ги прикажаа во првите четири меча, станува збор за двете водечки екипи, и покрај тоа што Ренова ги поремети плановите, па некои екипи имаат одиграно три, а Шкупи дури и два меча.

Струга ТЛ е вистинско освежување сезонава во ПМФЛ, и фати сериозен залет со четири победи од исто толку натпревари во Првата лига. Дека стружани не се шегуваат, покажува фактот што на гостински терен ја совладаа Брегалница, а минатото коло во Струмица ја победија и Шкендија, еден од најсериозните кандидати за титулата.

Тимот на Срѓан Захариевски сега пред себе ќе има уште еден тежок предизвик. Силекс сезонава покажува дека е сериозен тим. Успеа да одигра нерешено на гости кај Шкендија, да ги добие Работнички и Скопје, а покрај со Шкендија, освои бод со Академија Пандев. Кратовци се сериозен предизвик, а тоа го мислат и од таборот на Струга од каде го почитуваат противникот.

„После четири победи по ред, атмосферата во екипата е одлично, особено после победата над Шкендија. И против Силекс ќе се обидеме да освоиме три бода, но сите знаеме дека ќе биде многу тежок натпревар. Сите знаеме дека нема лесни противници ов нашиот шампионат, и ќе треба да се бориме да дојдеме до бодовите. Го респектираме Силекс, но верувам во себе и се надеваме дека ќе дојдеме повторно до три бода“, рече Фатјон Јусуфи, играчот на Струга Трим Лум.

Шкендија после поразот од Струга, оди на „рехабилитација“ во Кавадарци против Тиквеш. Кавадарчани, пак, нема така лесно да се предадат, и ќе сакаат вадење за поразот од Работнички во Скопје. Шкендија на овој меч ќе мора без Клисман Цаке поради црвениот картон, но ќе треба да го најде патот до победата и трите бода.

„Сакаме силно да се вратиме на победите после негативниот резултат минатото коло. Немаме друга алтернатива освен три бода. Веруваме во себе дека ќе се вратиме уште посилни и дека ќе победиме. Одиме чекор по чекор, се надеваме дека овој натпревар ќе биде почеток на една долга победничка серија“, рече Флорент Рамадани, играчот на Шкендија.

Интересно ќе биде и на скопското дерби во Ѓорче Петров, каде што Македонија ЃП го пречекува Работнички. Работнички, конечно, после три порази минатото коло го совлада Тиквеш и дојде до првиот триумф. Избраниците на Муарем Бајрами, пак, ќе сакаат да се вратат на победите, после поразот од Брегалница минатото коло.

„Работнички според мене секогаш важела за една од подобрите екипи во македонската лига, и може да победи секого и секаде. Во моментов сме подготвени да се надигруваме со секого и очекувам интересен натпревар. Знам дека сите ќе го дадеме максимумот да дојдеме до победа над Работнички“, изјави Стевковски, голманот на Македонија ЃП.

Академија Пандев е голем фаворит во дуелот со Скопје на домашен терен. Се освен три бода на струмичкиот прволигаш ќе биде изненадување, со оглед дека Скопје лошо тргна во сезоната и нема ниту еден бод од три натпревари. Истото се однесува и за Шкупи, кој е пред нов, трет триумф во првенството. Шкупи на домашен терен го пречекува младиот состав на Победа која има нула на своето конто, и се освен триумф на избраниците на Гоце Седлоски ќе биде сензација.

ПМФЛ, 5. КОЛО (16:00 ЧАСОТ)

АК. ПАНДЕВ – СКОПЈЕ

МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ

ШКУПИ – ПОБЕДА

СТРУГА ТЛ – СИЛЕКС

ТИКВЕШ – ШКЕНДИЈА

БРЕГАЛНИЦА слободна

Standings provided by SofaScore LiveScore

Се вчитува...