Нешто полесна задача за Вардар и дуел против Шкупи, додека за Струга ТЛ следува меч против Башкими на домашен терен, за продолжување на битката за врвот на табелата, и освојување на есенската круна во претпоследната пресметка во ПМФЛ за оваа година. Уште од денеска Вардар може да биде крунисан за есенски првак ако го совлада Шкупи на свој терен, а Струга ТЛ загуби од Башкими на домашен терен, тогаш скопските „црвено-црни“ ќе се стекнат со предност од недостижни четири бодови пред последното есенско коло.
Задачата за Вардар се очекува да биде победничка. Освен триумф против Шкупи, друго ништо не се очекува од моменталниот лидер на табелата, и се друго би било сензација. Шкупи нема сили за такво нешто, има само еден освоен бод против Работнички, и другото им се се порази, а оваа сезона чаирчани нема да ја паметат по добро, и многу веројатно идната сезона ќе играат во второлигашката конкуренција.
„Сакаме да ја продолжиме низата на победи и да ја завршиме годината на најдобар можен начин. Целта е јасна и оваа сезона. Сепак, иако сме на добар пат, има уште доста да се игра до крајот на сезоната. Свесни сме дека сите екипи кои доаѓаат особено на Арената имаат голема мотивација против Вардар. Затоа за нас секој меч е ист што се однесува со желбата, мотивацијата, концентрацијата и нивото на борбеност, без разлика на противникот“, вели Давид Бабунски, играчот на Вардар.
Од Шкупи велат дека овој меч не е само за бодови, туку и за гордоста на клубот.
„Ова е натпревар со голема тежина за нас, не само за бодови, туку и за гордоста. Тимот го даде максимумот на тренинзите; работевме напорно, со дисциплина и решителност, и тоа ќе биде очигледно и на теренот. Вардар влегува во оваа пресметка со добра позиција на табелата, но тоа не нè плаши. Никогаш не се предаваме, играме со срце како тим и со јасен план да го освоиме резултатот што го сакаме,” изјави заменик-капитенот на чаирскиот клуб, Ерион Шуку.
Во Струга, пак, домашната екипа има нешто потешка задача. За разлика од Шкупи, Башкими покажа дека може да направи проблеми и на водечките екипи. Кумановскиот тим сака да остане на „златната средина“, додека за Струга ТЛ ова ќе биде меч со кој ќе ја продолжи потерата по Вардар на табелата. Токму Вардар, Струга ТЛ и Шкендија се сериозни кандидати за титулата, и ќе се обидат денеска и утре да го искористат „киксот“ на Силекс претходно, кој загуби од Арсими на домашен терен и се чини дека веќе го губи здивот за титулата.
„Нема да биде лесен натпревар, секој натпревар е важен за нас до крајот на сезоната. Подготвени сме да се бориме до крај и да се погрижиме да ги израдуваме нашите навивачи. Затоа и поради нив ќе одиме да ги освоиме бодовите“, изјави играчот на Струга ТЛ Џарџу Маудо.
Од таборот на Башкими најавуваат дека ќе одат на бодови и покрај малата резултатска криза.
„Тежок натпревар со многу силен противник. Ќе се обидеме да “уловиме” нешто во Струга. Башкими е во резултатска криза, но токму тогаш сме најсилни и најопасни. Убеден сум дека ќе го ‘освоиме’ градот на Дрим,“ изјави Аган Сулејмани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

