По четири години Македонија врза две победи: Падна и Белорусија со 3-0 (ФОТО+ВИДЕО)

Во ист стил како и квалификацискиот натпревар против Лихтенштајн пред четири дена, македонската репрезентација го одигра и пријателскиот натпревар против Белорусија победувајќи со убедливи 3-0 (1-0) на „Телеком арената“ во Скопје.

Конечно, по четири години успеаја сениорите да врзат две едноподруго победи. Претходно, последно две врзани победи имавме во август 2013 година кога славевме против Бугарија со 2-0 на пријателски натпревар, а потоа и против Велс со 2-1 во квалификации за СП. А натпреварот против Белорусија ќе остане запишан и во историјата преку Дарко Чурлинов кој со 16 години, 8 месеци и 17 дена стана најмладиот сениорски репрезентативец во историјата.

Стефан Спировски го постигна првенецот во националниот дрес за водство од 1-0, а одличната партија Горан Пандев ја заокружи со два гола во второто полувреме, по што стигна до бројката од 29 погодоци во македонскиот дрес во својата репрезентативна кариера.

IMG_5922

Натпреварот го почнавме резервирано, главно со игра на средината од теренот. Па во една таква ситуација, први кон голот за заканија Белорусите преку Радионов со удар од 18 метри, но Димитриевски одбрани.

IMG_5783

По овој прв обид на Белорусите, се понатаму беше во знак на избраниците на Игор Ангеловски. Најпрво во добра можност во 23. минута се најде Мојсов, но обидот со глава од неколку метри заврши непрецизно, потоа со шут од 16 метри се обиде и Александар Трајковски но покрај десниот дирек од голот на Хутар.

Во 31. минута, по акцијата на Алиоски и Пандев, Илија Несторовски со глава од десеттина метри одлично се обиде да лобува, но гредата спречи радост.

Сепак, доминацијата вроди со плод во 40. минута кога македонските фудбалери стигнаа до 1-0. По нафрлањето од прекин од десната страна на Алиоски, топката ја смирува Кире Ристевски кој убаво го проигрува на 18 метри Стефан Спировски, чиј прецизен удар завршува во мрежата на Белорусите.

Второто полувреме го почнавме во ист ритам. Првата 100% шанса ја имаше капитенот Горан Пандев, кој откако во соло продор мина покрај одбраната на гостите, очи во очи со противничкиот голман шутираше од 16 метри но директно во добро поставениот Хутар.

Но, тоа што не му успеа на капитенот во 54. минута го реализираше во 61. минута за наше водство од 2-0. По десната страна, на додавање на Несторовски, убаво продре Тричковски прецизно пред голот на Белорусите проигрувајќи го Горан Пандев на кого од 7-8 метри не му беше тешко да погоди во мрежата.

Првата посериозна шанса на мечот Белорусите ја имаа во 64. минута, кога по нафрлањето од десната страна, Палијаков се најде осамен на вториот дирек на само неколку метри, но Димитриевски со одлична интервенција спаси под самата греда.

Но, Горан Пандев не застана само на претходниот 28-ми репрезентативен гол во кариерата. Во 69. минута повторно стрелаше, откако најпрво сам ја започна акција до Алиоски, овој одигра повратно за ефектен гол со глава.

До крајот рутински остана да се зачува победата, а остана забележано влегувањето во игра на Чурлинов во 83. минута на местото на Алиоски. И, Чурлинов дополнително ќе запишеше историја доколку по само десет секунди игра успееше да погоди по убавата шанса во која се најде.

ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР

МАКЕДОНИЈА – БЕЛОРУСИЈА 3-0 (1-0)

„Телеком арена“ во Скопје. Гледачи: 3.000. Главен судија: Павле Радовановиќ (Ц. Гора). Стрелци: Спировски 40′, Пандев 61′, 69′ (М).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Мојсов, Шиков, К. Ристевски, Спировски (78′ Тошевски), Стјепановиќ (83′ Ибраими), Алиоски (83′ Чурлинов), Трајкоски (56′ Тричковски), Пандев (73′ Трајчевски), Несторовски (78′ Ејупи)

БЕЛОРУСИЈА: Хутар, Драхун, Палијаков, Палицевич (46′ Ставиш), Ставицки, Сташевич, Кендиш, Кишљак, Сиваков, Радионов (59′ Сихнович), Валотцко

Се вчитува...