Нејмар е на излезна врата од „Паркот на принцовите“

Пари Сен-Жермен планира да се раздели со напаѓачот Нејмар во летниот преоден рок. Бразилецот кој веќе има 30 години ќе мора да биде ставен на продажба по директни инструкции на претставниците на Катар, кои го поседуваат тимот. Според„Le Parisien“, заминувањето на Нејмар може да се поврзе и со потпишувањето на нов милионски договор со напаѓачот Килијан Мбапе.

Иако навидум нивното партнерство во нападот делуваше сосема солидно, Мбапе бил крајно незадоволен од статусот на прва „ѕвезда“ на тимот што му беше доделен на Нејмар по мегатрансферот од Барселона, дури и во периодот кога тој прикажуваше далеку послаби игри од очекувањата. Бразилецот ја имаше целосната заштита од директорот Леонардо, но во ситуација кога се очекува Леонардо летово меѓу првите да си замине, за очекување е и Нејмар да биде ставен на трансфер-листа.

Сепак, финансиските барања на Нејмар може да го спречат ПСЖ брзо да се раздели со својата ѕвезда. Нејмар кој неделно заработува околу 580 илјади евра, постигна 13 гола и имаше осум асистенции на 28 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона.

Се вчитува...