Победа или нов срам: Чиле ги лечи египетските рани

Македонските ракометари денеска против Чиле (15.30 часот) го играат натпреварот од третото коло во групата Г од СП 2021, во обид да го поправат впечатокот по двете потпросечни изданија против Шведска и Египет. Јасно беше дека смената на генерации нема да мине лесно, но избраниците на Брестовац одиграа под секое ниво на првите две мундијалски средби. Сепак, победа на денешниот меч може да ги залечи досегашните египетски рани и да ја одведе Македонија во следната руда од овој светски шампионат.

Станува збор за ривал што „црвено-жолтите“ забележаа две победи на контролните средби во јануари во пресрет на ова СП, севкупно гледано Македонија има пет победи на петте дуели со Чиле, но на Брестовац му е јасно дека овојат задачата ќе биде многу потешка.

„Во дилема сум за одбраната, дали да играме 6-0 или 5-1. Мора да се спречи нивната игра со кружниот напаѓач. Нивната подвижност ќе ни биде предизвик. Ако секој одигра како што најдобро знае, победата е неминовна. Не смееме да го потцениме противникот и да мислиме дека не треба да го дадеме максимумот на теренот. Не ни е сеедно, најтешко ни е бидејќи сме ние тие кои играме на теренот и ја претставуваме државата“, изјави Брестовац во пресрет на денешниот натпревар.

Време е помладите ракометари да покажат карактер и желба за победа, но и оние поискусните да ја преземат одговорноста во нападот како што тоа го правеа на претходните големи натпреварувања. За победа денеска ќе ни треба одличен голман, но и расположен за голови Лазаров, секогаш борбениот Стоилов, конечни разбудени Талески и Кузмановски… Во спротивно, радоста за повикот „пет до дванаесет“ за ова СП ќе се претвори во добро познатата „што сум кревал рака“.

Се вчитува...