Победа над Грузија, но и многу проблеми што мора да се решат до ЕП 2020

Македонската ракометна репрезентација забележа победа од  25-21 на првиот од двата пријателски натпревари против Грузија. Конечниот резултат не е реална слика за случувањата на теренот со оглед на фактот дека Грузијците во огромен дел од мечот беа израмнет противник со македонските ракометари, кои дури во последните пет минути успеаја да се одлепат и да ја осигураат победата. Капитенот Кире Лазаров целиот меч го следеше од клупата за резерви, но тоа не може да биде изговор за севкупното слабо издание против овој (пот)просечен ривал, на помалку од три месеци до настапот на европскиот шампионат во Виена.

Првиот напад на Македонија беше промашена „контра“ на Мартин Поповски, но по почетното водство на Грузија од 0-1 нашиот состав експресно презеде контрола и поведе со 3-1 (ТАлески, Поповски од пенал и Велковски). Се продолжи во ист стил и во наредниот период, водството набрзина порасна на 6-2, резултат при кој преку Манасков и Кузмановски не реализиравме два зицери од контранапад.

При водство од 8-5 следеа и првите промени, Танкоски и Јагуриновски влегоа на местото на Кузмановски и на Мартин Велковски. Темпото во нападот на Македонија опадна, се почесто се грешеше, а гостите го искористија тоа за да намалат на 10-9. Серијата на Грузија ја прекина Кузмановски, кој во меѓувреме влезе во игра на местото на Талески. Сепак, кризата во играта на „црвено-жолтите“ продолжи, па Грузијците на три минути до крајот го израмнија резултатот на 12-12. Кузмановски во меѓувреме промаши уште еден чист шут, а во последниот напад ракометарот на Магдебург уште еднаш беше непрецизен од добра позиција, па на одмор се замина со израмнети 12-12.

На стартот од вториот дел набрзина поведовме со 15-12, но во овој период не реализиравме и два пенали. Ристовски беше одличен на голот, но по двете нови промашувања на Филип Кузмановски гостите повторно се вратија, намалувајќи на 15-14, а потоа и израмнувајќи на 17-17. Македонија се врати на плус два по исклучувањето на Кбилашвили, за водство од 20-18 по голот во празна мрежа што го постигна Мартин Велковски.

Во завршните десет минути блесна младиот Костески со два погодоци, но Македонија не успеа да се одлепи, па на неполни шест минути до крајот Брестовац побара тајмаут при резултат 22-21. Веднаш по минутата одмор следеа погодоци на Танкоски и на Арсеновски, за Димитриоски да погоди од крило за 25-21 и да ја осигура победата, на крајот изразена со конечни 25-21.

Најефикасни во македонскиот национален тим беа Поповски, Пешевски и Велковски со по четири, а Костески постигна три погодоци во овој триумф.

Македонија и Грузија утре ќе одиграат уште еден контролен натпревар, во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 16 часот.

Се вчитува...