Победа останува прволигаш: Триумф против Борец во баражот (ФОТО)

Прилепска Победа останува во Првата македонска фудбалска лига и во следната сезона. Прилепчани во бараж пресметката за задржување на прволигашкиот статус во Струмица славеа против Борец Велес со 2-1 (2-0).

Во првите 45 минути прилепчани покажаа дека се многу поквалитетен тим и успеаја да обезбедат значајна предност во пресрет на вториот дел. Уште во 8. минута Иван Ивановиќ ја затресе мрежата на Борец и го отвори резултатот на овој натпревар. Прилепчани продолжија со офанзивниот стил и во 29. минута Виктор Велкоски постигна и втор погодок со кој тимот на Тони Мегленски го најави опстанокот.

Борец единствено успеа со голот на Кудијан во 56. минута да го ублажи поразот на конечни 2-1.

Мирниот меч беше нарушен во самиот финиш кога во 92. минута дојде и до физички конфликт меѓу фудбалерите на двата тима, по што имаше исклучување и на двете страни.

Со тоа се заокружи пополнувањето на прволигашката конкуренција во следната сезона. Борец Велес останува, пак, во Втората лига Исток и во следната сезона.

Се вчитува...