Победа се враќа дома: На „Могила“ се пречекува Шкупи

Битката за опстанок до крајот на сезоната Победа ќе ја води во својот Прилеп. „Црвените“ од денеска со дуелот против Шкупи во 23. коло од Првата македонска фудбалска лига се враќаат во својот град, но на теренот на Паркот на револуцијата „Могила“ каде ќе ги пречекаат гостите од Чаир.

Ова за Победа е една од најважните битки во борбата за опстанок, поради што се очекува максимална поддршка од навивачите…

„За првпат годинава како прволигаши ќе играме на домашен терен и несомнено ќе ја имаме подршката од нашата публика и нашите верни навивачи. Со нивна подршка очекувам да оствариме добар резултат кој ќе не приближи до остварување на нашата цел – опстанок во Првата лига. Посебно што Шкупи ни е еден од директните конкуренти на тој пат. Ги познаваме нивните квалитети, добро ги анализиравме во текот на неделава. Станува збор за добра и искусна екипа, со дел од играчите и имам настапувано. Се знаеме добро и нема непознати меѓу нас. Ние сме подготвени да го дадеме максимумот за да ги освоиме првите три бода на свој терен во Прилеп.  Би сакал да апелирам до навивачите да дојдат во што поголем број и да ни помогнат заедно да стигнеме до целта. Посебно би апелирал навивањето да биде коректно и на тој начин би ни се помогнало и наредните натпревари да ги играме во Прилеп. Да не се случи ситуација како минатата година да бидеме казнети и повторно да играме во други градови. Така само се прави штета на клубот а воедно и на градот затоа што цела година публиката нема гледано прволигашки фудбал во Прилеп“ – вели капитенот на Победа, Александар Крстески пред денешниот дуел.

ПМФЛ – 23. КОЛО (14 часот)

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ВАРДАР

Тетово: РЕНОВА – ПЕЛИСТЕР

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ШКЕНДИЈА

Прилеп: ПОБЕДА – ШКУПИ

Скопје: РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС

Се вчитува...