Победа за Европа на Тинекс Пролет, по голема битка со Охрид

Тинекс Пролет е на чекор до осигурување на пласман во европските купови во наредната сезона откако по огромна битка славеше на гостувањето против Охрид со 21-22. Избраниците на Кастратовиќ покажаа карактер, се вратија од „минус четири“, а херој беше капитенот Ласко Андоновски, кој ги постигна клучните погодоци во финишот од мечот. Охриѓани со овој неуспех и дефинитивно ги загубија шансите за европските купови, а причина за поразот им е очајната реализација во нападот, откако од 45. до 58. минута не постигнаа ниту еден погодок.

Мечот почна со рано водство на гостите од 0-2, но охриѓани експресно се консолидираа и го израмнија резултатот. Долго време се играше гол за гол, за во последните десетина минути од полувремето охридската одбрана да почне да доминира. Пролет во овој период постигна само еден единствен погодок, од контранападот на капитенот Ласко Андоновски, а неколкуте технички грешки на гостинските играчи во финишот беа казнети од мотивираните домашни ракометари, кои со три гола во последните три минути заминаа на одмор со водство од 11-8.

Охриѓани на почетокот од вториот дел водеа и со 13-9, но Пролет возврати со серија од три гола и го принуди Раде Стојановиќ да побара тајмаут. Домаќините се разбудија, а гостите од Скопје пропуштија можност да се вратат откако при 17-15 не ја искористија ситуацијата со двајца ракометари повеќе на терен. Сепак, Пролет продолжи со извонредна одбрана, сите приоди кон голот на Ангелов беа затворени, па скопјани сепак направија целосен пресврт, поведувајќи со 17-18 на осум минути до крајот на мечот.

Стојановиќ побара нов тајмаут, но по таа минута одмор следеа нови две одлични интервенции на Петар Ангелов. Аларов изнуди пенал, потоа и самиот беше прецизен, па Пролет поведе со 17-20 на неполни три минути до крајот. Манасков експресно погоди, а на спротивната страна Пецаковски по загубената топка доби исклучување од две минути, по што Охрид експресно се приближи на 19-20. Ласко Андоновски погоди за 19-21, но домаќините еповторно покажаа карактер и израмнија на 21-21. Кога беше најважно, одговорноста ја презеде капитенот Андоновски, кој со нов гол по соло-акција донесе огромна победа со која Пролет направи џиновски чекор за обезбедување на место во европските купови за наредната сезона.

Се вчитува...