Победа за историја на Беневенто, ВАР спречи победа на Рома

Беневенто засекогаш ќе го памети овој 30 декември, откако „фенерџијата“ во Серија А во својот 19. обид успеа да стигне до својата прва победа во елитното италијанско фудбалско друштво. Во изминатите 18 кола Беневенто имаше едно реми (со Милан) и дури 17 порази, но најслабиот тим во Италија овојпат одговори на предизвикот, па славеше со 1-0 над екипата на Киево. Стрелец на голот за историската победа беше Кода во 62. минута.

Рома одигра само 1-1 на домашен терен против Сасуоло, на првиот меч на тренерот Де Франческо против неговиот поранешен клуб. Пелегрини погоди за водство на Рома, гостите израмнија преку Мисироли во 77. минута, но мора да се истакне дека „волчицата“ во второто полувреме постигна уште два погодоци, преку Џеко и Флоренци, но и двата беа поништени по прегледување на ситуациите со ВАР-технологија.

Џенова трет меч во низа не знае за пораз, откако тимот на Горан Пандев попладнево ремизираше на гостувањето против Торино. Македонскиот ас ги одигра сите 90 минути за Џенова, а во првото полувреме имаше и убава шанса, но за жал неговиот удар од работ на шеснаесетникот заврши сантиметри крај дирекот на домашниот голман.

Резултати Италија: 

Фиорентина – Милан 1-1, Рома – Сасуоло 1-1, Аталанта – Калјари 1-2, Сампдорија – СПАЛ 2-0, Торино – Џенова 0-0, Болоња – Удинезе 1-2, Беневенто – Киево 1-0.

Се вчитува...