Победата на Наполи над Удинезе, во сенка на повредата на Оспина

Во неверојатен натпревар, со многу голови и страотна повреда на Давид Оспина, Наполи го совлада Удинезе со 4-2 во 28. коло во Серија А. По само 25 минути игра „наполитанците“ го скршија отпорот на гостинскиот тим. Амин Јунес во 18. минута погоди за 1-0, а седум минути подоцна Каљехон го удвои водството.

Со одлична игра во продолжението и головите на Лазања во 30. и на Фофана во 36. минута гостите успеаја да заминат на полувреме со нерешен резултат. Првиот дел го одбележа и повредата на голманот на домаќините Давид Оспина, кој во 40. минута од натпреварот, остана без свест, откако дваесетина минути порано по судар со противнички фудбалер, заработи повреда на главата.

Во вториот дел „наполитанците“ тргнаа поагресивно и со голот на Милик во 57. минута и на Мертенс во 70. минута повторно стигнаа до два гола предност.

Со оваа победа избраниците на Карло Анчелоти успеаја да излезат од лошата форма што ја имаа во домашниот шампионат, каде на претходните пет натпревари само еднаш се радуваа на победа.

Се вчитува...