Победничка Македонија – Приштина освоена, на ред е Романија

Македонија со победа го стартуваше новиот претквалификациски циклус за Евробаскет 2021 откако нашите кошаркари вечерва во Приштина славеа над селекцијата на Косово со резултат 73-76. Триумфот е сосема заслужен ако се знае дека нашите репрезентативци речиси цел натпревар водеа, во првиот дел и со 13 поени разлика. Во финишот повторно компликувавме, но за среќа не дозволивме чудесен пресврт на домаќините, туку Давитков и неговите избраници се радуваа на победата, со која уште повеќе се крева самодовербата во пресрет на наредниоот дуел, што веќе в недела Македонија ќе го игра на домашен терен против селекцијата на Романија.

Средбата ја почнавме без класичен плејмејкер во стартната петорка, со Соколов крај браќата Стојановски, Бојан Трајковски и со Ричард Хендрикс. Тоа придонесе одбраната да функционира одлично, а благодарение на двете тројки во низа (по две украдени топки) на Дамјан Стојановски нашиот состав експресно поведе со 2-12, принудувајќи го селекторот Мулаомеровиќ да побара тајмаут. Косово дојде до 6-12, но Давитков благовремено зеде минута одмор, по што Македонија ја врати контролата над играта и резултатот. Благодарение на одличната игра во одбраната во 7. Минута имавме водство од 6-19, но потоа се разбуди Бериша постигнувајќи осум поени во серијата 10-1 на домаќинот, па првиот период заврши со водство на Македонија од 16-20.

Стартот од втората четвртина беше израмнет, но Македонија повторно се одлепи по влегувањето на Младеновски, кој со една блокада, неколку скокови и пет поени донесе водство од 21-30. Косово повторно подобро ја заврши четвртината и на одмор се замина со предност на нашиот национален состав 29-34, значајна позитива ако се знае дека капитенот Војдан Стојановски беше предалеку од посакуваното ниво со само два поени (1/9 од поле, 0/2 за слободни фрлања).

Третата четвртина донесе проблеми откако речиси четири минути Македонија беше без постигнат поен, а Косово стигна до израмнување од 34-34. Серијата промашувања со тројка ја прекина Бојан Трајковски, но веднаш во иста мера врати Бериша. Домашниот состав ја искористи кризата во нашиот напад, па Косово во 26. минута стигна до своето прво водство на мечот (41-39). Трајковски беше единствениот со поени во оваа четвртина, десет во првите осум минути, одржувајќи ја Македонија во игра (44-44), за Косово да ја заврши четвртината со водство од 49-48, со тројката што ја постигна Бериша.

Последните десет минути ги отворивме со тројка на Стојан Ѓуроски, за нешто подоцна по негов офанзивен скок Дамјан Стојановски со нова тројка да ја врати предноста на одлични „плус седум“ (54-61). Војдан Стојановски реализираше под прекршок, во следниот напад истото го стори и Хендрикс, одговарајќи на двете тројки на Бериша. Домаќините загубија глава, Бамфорт доби и техничка лична грешка за приговор, но по една наша загубена топка Кастрати со забивање намали на 65-70 на помалку од три минути до крајот, по што Давитков побара тајмаут.

На помалку од една минута до крајот Македонија имаше осум поени предност (65-73), но направивме од готово вересија по еден промашен шут и загубена топка на Трајковски, по што со тројките на Бамфорт и на Бериша домашната селекција стигна на само два поени негатива (71-73), на 24 секунди до крајот. Веднаш беше најправен прекршок над Војдан Стојановски, а македонскиот капитен беше прецизен еднаш од двата обиди. Судиите „блеснаа“ на спротивната страна покажувајќи прекршок од Соколов над Бериша, за три слободни фрлања, од кои косовскиот капитен реализираше само две. И повторно следеше лична грешка што судиите немаа храброст да ја окарактеризираат како неспортска, но Војдан два пати беше прецизен и Македонија славеше со конечни 73-76.

Бојан Трајковски реализираше 17 поени, два повеќе од Дамјан Стојановски, одличен беше и Стојан Ѓуроски со 14, додека Хендрикс беше стандардно добар со дабл-дабл од 10 поени и 12 скокови. Бериша беше главна фигура на овој натпревар со 32 поени, но косовскиот капитен беше и трагичар на својата селекција со нереализираното слободно фрлање во клучните моменти од мечот.

Се вчитува...