Поранешниот бразилски репрезентативец и освојувач на Светското првенство, Брито, почина на 86-годишна возраст по борба со пневмонија.
Брито, кој играше како централен дефанзивец, беше еден од клучните членови на бразилската репрезентација која го освои Светското првенство во 1970 година во Мексико, во генерацијата предводена од Пеле.
Како што објавија бразилските медиуми, поранешниот фудбалер бил хоспитализиран од 14 мај поради компликации предизвикани од пневмонија. Веста за неговата смрт ја потврдија од Бразилската фудбалска конфедерација и членовите на неговото семејство преку социјалните мрежи.
Претседателот на Бразилската фудбалска асоцијација, Самир Ксауд, се збогува со легендарниот дефанзивец со емотивна порака.
„Брито нè напушти како еден од најголемите дефанзивци во историјата на бразилскиот фудбал. Неговиот придонес за освојувањето на Светското првенство во 1970 година засекогаш ќе биде запаметен. Нека неговиот борбен дух биде инспирација за нашите играчи кои ќе настапат на Светското првенство“, се вели во соопштението.
За време на својата репрезентативна кариера, Брито одигра 45 натпревари за Бразил во периодот од 1964 до 1972 година. Освен светската титула, тој го освои и Купот Рока против Аргентина во 1971 година, како и Купот на независноста на Бразил во 1972 година, откако ја победи Португалија во финалето.
Брито ќе биде запаметен како еден од столбовите на одбраната на една од најголемите репрезентации во историјата на фудбалот и член на генерацијата што му ја донесе на Бразил третата титула на Светското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
