Почина велосипедист поранешен тимски колега на Тадеј Погачар

Колумбискиот професионален велосипедист Кристијан Камило Муњоз, поранешен тимски колега на Тадеј Погачар во тимот на „Емирати“, почина во болница, само шест дена откако доживеа сериозна повреда на коленото во пад на трката „Тур ду Жура“.

30-годишниот, кој се тркаше за тимот на НУ Колумбија, беше лекуван во болница откако се откажа од еднодневната трка во Франција во саботата. Според „Ел Тиемпо“, на Муњоз му беа потребни 20 конци на едното колено, пред да ја напушти болницата во недела навечер.

Потоа тој им се придружи на своите колеги во Шпанија за Вуелта Астурија, која започна во Овиедо во четвртокот. Сепак, 30-годишникот кој е поранешен победник на етапа на Џиро д’Италија до 23 години, почна да се чувствува лошо уште во вторникот и беше однесен во друга болница во Ваљадолид.

Таму, неговата состојба се влоши и тој беше подложен на операција, пред да биде ставен во индуцирана кома. Тој не реагираше на третманот и почина денеска. Според извештаите во Шпанија, лекарите во болницата посочија дека причина за смртта на Муњоз е инфекција стекната во болница.

Неговиот тим на НУ Колумбија се повлече од Вуелта Астурија во знак на почит, додека пред денешната втора етапа беше одржана едноминутна молчење, каде што службените лица поставија црни ленти на возилата на трката.

Се вчитува...