Почна „пазарот“: Топ-играчи се „гратис“ во 2019 година

Со почетокот на новата година стартуваше и јануарскиот преоден рок, но исто така и фудбалерите кои стануваат слободни за шест месеци добија зелено светло да потпишуваат преддоговори со своите нови клубов. На пазарот слободни стануваат бројни фудбалски ѕвезди за чии потписи европските гиганти ќе водат битка во периодот што следи.

ДИЕГО ГОДИН

Капитенот на Атлетико Мадрид и минатата зима се најде во слична ситуација, но тогаш ја покажа лојалноста кон својот клуб и потпиша нов договор. Интересот и овојпат е огромен, најзагреан е Интер, понуда подготвува и Манчестер Јунајтед, па интересно ќе биде да се види дали уругвајскиот дефанзивец повторно ќе ги одбие сите понуди за да остане во Атлетико.

АДРИЕН РАБИО

Францускиот играч за врска во изминатите три месеци беше поврзуван со бројни европски гиганти, но во последните петнаесетина дена стана јасно дека тој кариерата ќе ја продолжи во Барселона. Каталонскиот гигант има постигнато начелен договор за петгодишна соработка со Рабио, кого го очекува пекол во ПСЖ до крајот на сезонава, со оглед на фактот дека веќе јасно му беше ставено до знаење дека ќе биде отстранет од екипата и дека поради нелојалност нема да ги игра преостанатите натпревари за оваа сезона.

АРЈЕН РОБЕН

Холандскиот ветеран лани доби нов договор од Баерн, но со најавениот ремонт на „Алијанц Арена“ јасно е дека тој и Рибери ќе бидат првите што ќе си заминат. За Робен се интересираат клубови од Премиер-лигата, а понуда подготвува и ПСВ Ајндховен, кој би му овозможил на крилниот офанзивец да се врати во клубот каде ја лансираше својата фантастична кариера.

АРОН РАМЗИ

Арсенал нема да ја повтори ланската одлука да му даде нереално висока плата на Месут Озил, па „топчиите“ уште пред неколку месеци објавија дека нема да потпишат нов договор со велшкиот играч за врска. Станува  збор за играч од највисока класа за кого се интересираат ПСЖ, Баерн Минхен, Барселона и Јувентус, но според последните информации најблизу до потпис е Јуве, за плата од девет милиони евра по сезона.

ЦЕСК ФАБРЕГАС

Шпанецот во последните две сезони не е стандарден првотимец во Челси, а одлуката за негово заминување е веќе донесена. Лондонскиот клуб нема намера да му понуди нов договор подолг од една сезона, Фабрегас веќе има неколку понуди за соработка на две или три години, па нема сомнеж дека тој на крајот од сезоната ќе ги промени клупските бои. Милан е подготвен да му понуди тригодишен договор на Шпанецот, а сериозен во намерите да го доведе Фабрегас е и тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.

ДАНИЕЛ СТАРИЏ

Некогаш важеше за еден од најдобрите англиски голгетери, но честите повреди придонесоа формата на Стариџ да се движи во надолна линија. Јирген Клоп летово реши да го задржи во Ливерпул, но засега не се ниту почнати преговорите за нов договор, така што Стариџ на крајот од сезонава ќе може да си ја избере следната дестинација во кариерата. За очекување е тој да остане во Премиер-лигата, каде неколку екипи во изминатите сезони редовно покажуваа интерес да го доведат во своите редови.

МАТЕО ДАРМИЈАН

Доведен во Манчестер јунајтед како засилување за бековската позиција, италијанскиот дефанзивец никогаш не ги оправда очекувањата. Во последните две години беше поврзуван со бројни екипи во татковината, но сепак остана на „Олд Трафорд“, дочекувајќи го истекот на договорот за потоа како слободен играч да си избере нов клуб, без отштета и секако за поголема плата. Интер, Милан и Рома се најзагреани за овој фудбалер, но не се исклучува можноста во трката за негов потпис повторно да се вклучи и Јувентус.

МАРИО БАЛОТЕЛИ

Мина времето кога Балотели беше мирен во Ница и е фокусираше само на фудбалските настапи. Откако летово не му беше дозволено да се пресели во Олимпик Марсеј тој стана огромен проблем за тренерот Виеира, медиумите јавуваат за бројни конфликти меѓу нив, па јасно е зошто управата уште пред два месеци објави дека „Супер Марио“ ќе може да си замине како слободен играч на крајот од сезонава.

Враќањето во Италија е најреална опција, но тешко е за верување дека некој од најголемите клубови ќе сака да ризикува со овој фудбалер со непредвидлив темперамент.

ЈАСИН БРАХИМИ

Алжирецот и сезонава е еден од клучните фудбалери на Порто, но челниците на португалскиот гигант не успеаја да договорат продолжување на соработката. Брзоногиот офанзивец се наоѓа на листата со желби на бројни клубови ширум Европа, во водство моментно се наоѓаат премиерлигашите Евертон и Вулверхемптон, но Брахими ќе почека понуди и од други европски земји пред да донесе конечна одлука за својата иднина.

Се вчитува...