Почнаа преговорите: Тудор разочаран по првата понуда од Де Лаурентис

Наполи во текот на денешниот ден ќе ја официјализира разделбата од Руди Гарсија, откако францускиот стратег се покажа како тотално промашување за шеф на стручниот штаб на актуелниот првак на Италија.

Веќе е познато и името на главниот фаворит за негов наследник, Хрватот Игор Тудор е на врвот на листата со желби на претседателот Аурелио де Лаурентис, кој од синоќа веќе ги почнал и разговорите со поранешниот стратег на Олимпик Марсеј. Како што јавуваат италијанските медиуми, Тудор останал разочаран кога ја слушнал првата понуда на „наполитанците“, откако Де Лаурентис му понудил само договор на седум месеци, со можност за продолжување на соработката на уште една сезона.

Хрватот бара повеќе време за да остави трага врз тимот, особено бидејќи станува збор за екипа што е во психолошка криза поради слабиот старт на сезоната. Тој не го криел незадоволството од ваквата понуда, но за денеска се најавени нови разговори на кои би можел да биде направен чекор напред.

Желба на „наполитанците“ е договорот да биде потпишан најдоцна до среда, за новиот тренер да има доволно време за адаптација за време на репрезентативната пауза.

Се вчитува...