Почнува борбата за трофејот „Лери О’Брајан“ – Тимовите од Лос Анџелес први фаворити

По неколку месеци пауза поради пандемијата од коронавирусот вечерва почнува плеј-офот во НБА лигата. Поразличен како и времето во кое живееме од било кое друго издание во минатото. „Дизниворлд“ и Орландо ќе го дадат новиот шампион. Први фаворити се двата тима од Лос Анџелес, Лејкерс и Клиперс кои завршија на првите две позиции во Западната конференција. Покрај нив единствено на тим кој му се дава шанси дека може да стигне до финалето е Хјустон Рокетс, но само доколку Расел Вестбрук биде стоотсто подготвен.

Се уште е рано за младите тимови на Денвер, Јута и Далас, но сигурно е дека нема да бидат воопшто лесни противници за фаворитите. Голем проблем Леброн Џејмс и компанија ќе имаат уште во првата рунда бидејќи се среќаваат со Портланд Треилблејзерс тим кој заедно со Феникс Санс покажа најмногу во продлжението на регуларниот дел од сезоната.

Од друга страна на истокот не очекува неизвесен плеј-оф како и минатата сезона. Од пол-позицијата повторно тргнува Милвоки Бакс кој втора година по ред има најдобар скор во лигата. Тука е и актуелниот шампион Торонто Репторс, кој и покрај заминувањето на Кавај Ленард се уште има одличен тим кој втора година по ред може да биде дел од финалната серија. Како предизвикувачи за првите два тима се Бостон и Филаделфија кои во првата рунда играат меѓусебе, а ќе биде интересен и дуелот меѓу Мајами и Индијана. Бруклин и Орландо кои играат со Милвоки и Торонто се тотални аутсајдери и не им се даваат никакви шанси за поголем успех. Плеј-офот почнува денеска со четири натпревари, а програмата ја отвораат Денвер Нагетс и Јута Џез.

Се вчитува...