Почнува Евролигата – ова се „топ 10 трансферите“ на кошаркарскиот пазар

Со денешниот натпревар од 19 часот меѓу ЦСКА Москва и Барселона и официјално ќе биде означен стартот на новата сезона во Евролигата, елитното европско кошаркарско натпреварување во кое улогата на бранител на трофејот ќе ја има Реал Мадрид. Предизвикот да се одбрани круната е огромен, а згора на тоа „кралевите“ ќе бидат без својот лански лидер Лука Дончиќ, кој по европската титула се реши за предизвик од другата страна на Атлантикот и се пресели во НБА-лигата, во тимот на Далас маверикс.

Кандидати за тронот има многу, тука е моќниот состав на ЦСКА Москва, кој се надева дека по две години пауза повторно ќе се искачи на врвот на Европа, потоа и Фенербахче предводен од генијалецот Жељко Обрадовиќ, а шанса од сенка ќе чекаат уште неколку екипи, пред се грчките гиганти Олимпијакос и Панатинаикос, потоа Барселона, ланското изненадување Жалгирис…

Во пресрет на стартот на новата сезона, Евролигата на својата официјална веб-страница објави и топ-листа од десетте најдобри трансфери реализирани летово на европскиот кошаркарски пазар.

На врвот се наоѓа Кевин Пангос, извонредниот плејмкер кој минатата сезона го одведе Жалгирис до фајналфор турнирот, а сега ќе биде задолжен за организација на играта на Барса. Скоти Вилбекин лани ја однесе Дарушафака до титулата во Еврокупот, а американскиот во новата сезона ќе го носи дресот на Макаби, додека трет најдобар трансфер е оној на Немања Недовиќ, од кого се очекува да биде нов лидер на тимот на Милано.

Зад Недовиќ на оваа топ-листа следат Кит Ленгфорд (Панатинаикос), Жофри Ловерњ (Фенербахче), Шејн Ларкин (Анадолу Ефес), Дарун Хилиард (Басконија), Петри Копонен (Баерн Минхен), Ким Тили (Гран Канарија) и Алек Петерс (ЦСКА Москва).

Во рамките од првото коло покрај мечот ЦСКА – Барселона денеска се играат уште и натпреварите Панатинаикос – Макаби, Баерн – Анадолу Ефес, Реал Мадрид – Дарушафака, а утре се среќаваат Будуќност – Дарушафака, Химки – Олимпијакос, Жалгирис – Басконија и Фенербахче – Гран Канарија.

Се вчитува...