Почнува Ф4 во Келн: Вардар ја предава круната, кој ќе биде нов шампион на Европа?

Се е подготвено за спектакуларен фајналфор турнир во Келн, кој ќе го даде името на европскиот шампион за сезоната 2019/2020. ЕХФ долго тактизираше, двапати го одлагаше овој настан со надеж дека ќе има публика на трибините, но откако стана очигледно дека тоа нема да биде возможно, европската куќа на ракометот реши фајналфор натпреварувањето да се одигра пред празни трибини. Во следните два дена ќе може да се проследи извонреден ракомет, ПСЖ, Барселона, Веспрем и Кил се тимовите кои ќе водат битки во „Ланксес Арена“, со надеж дека ќе успеат да се искачат на врвот на ракометна Европа.

На тронот се уште е Вардар, по големиот успех во 2019 година, кога „црвено-црните“ најпрвин со чудесен пресврт во полуфиналето ја елиминираа Барселона, за потоа во големото финале да слават и против Веспрем.

Денешната програма во 18 часот ја отвораат ПСЖ и Барселона, „светците“ се надеваат на првата европска круна, додека Барса е најтрофеен европски клуб со осум пехари, два од нив откако е воведен Ф4 турнирот во Келн. Раул Гонзалес во 2017 година го надмудри Чави Пасквал во полуфиналето меѓу Вардар и Барселона, а „ел команданте“ ќе се обиде да го повтори успехот и како предводник на францускиот гигант. Повредата на Никола Карабатиќ претставуваше огромен удар за ПСЖ, а проблем повеќе претставува коронавирусот, поради кој „светците“ буквално во „пет до дванаесет“ останаа и без Лук Стајнс, кој беше доведен минатиот месец како замена за Карабатиќ.

За проблемите на Раул да се уште поголеми, Арон Палмарсон ја надмина повредата заработена неодамна и се очекува исландскиот ас да биде меѓу главните адути на Барса на денешното полуфинале.

Во второто полуфинале, во 20.30 часот Дејан Манасков и Веспрем ќе излезат на мегдан со германскиот гигант Кил. Унгарскиот шампион се уште е без европска круна, на последниот Ф4 загуби од Вардар, но Манасков и соиграчите се надеваат дека токму годинава ќе дојде до крај на „клетвата“ врз Веспрем.

Ова ќе биде четврто полуфинале во Келн меѓу големите ривали, Веспрем има две победи, Кил една, но интересно е дека победникот од ова полуфинале никогаш не успеал да се закити со трофејот.

Се вчитува...