Почнува финалната серија: Дамјан треба да блесне за МЗТ, Работнички ги има Мираковски, Гинјард…

Се е подготвено за стартот на финалето од кошаркарскиот плејоф, чиј прв натпревар ќе се игра вечерва со почеток во 20 часот во салата „Градски парк“. Работнички ќе ја има предноста на домашниот терен, но МЗТ како актуелен првак е способен да го освои „Центар“. И двата тима имаат свои адути во оваа финална серија, а едно е јасно – ќе се води битка за секоја топка, за секој поен, а како и на претходните дерби дуели, ќе решава моменталната инспирација во ситуација кога квалитетот е речиси израмнет.

Одбраната против Мираковски

Играта „пик ен рол“ со која маестрално диригира Димитар Мираковски стана заштитен знак на Работнички во последните години, пред се во клучните моменти од натпреварите кога одговорноста ја презема капитенот. Тој е секогаш подготвен да ја спушти топката во рекет, но ако му се остави простор и да шутне тројка која најчесто завршува низ обрачот.

Дамјан Стојановски

За МЗТ да има шанси за триумф во „Градски парк“ неопходно ќе биде Дамјан да одигра на највисоко ниво. Капитенот на МЗТ Скопје е мотивиран за блесок токму во финалната серија против големиот ривал. Како еден од поискусните сигурно нема да дозволи атмосферата во салата „Градски парк“ да влијае врз него, а пред репрезентативецот е голем предизвик, не само да биде ефикасен во нападот, туку и во одбраната да се справи со Чавдар Костов, еден од клучните играчи на Работнички сезонава.

Борба под обрачите

МЗТ Скопје ја доби клучната пресметка со Блокотехна благодарение на офанзивниот скок, но овојпат Бојиќ, Лалиќ и останатите ќе имаат многу потешка задача. Американецот Еванс дава уште поголема цврстина во рекетот на Работнички, а во скок-играта голема помош центрите добиваат и од Гинјард и од Костов. Целта и на двата финалисти ќе биде да се лимитираат „поените од втора шанса“ на противниците, кои секогаш се многу значаен фактор во вака израмнети дуели.

Шутот од далечина на МЗТ Скопје

Ако „металците“ влезат во шутерски ритам, ретко кој може да ги запре во нивниот налет. Сите кошаркари освен можеби Лалиќ знаат да влезат во серија на тројки, а проблем сигурно ќе претставува отсуството на Марко Симоновски, кој денеска нема да биде дел од тимот. Сепак, Соколов, Дамјан Стојановски, Крофорд, Трајковски, Синовец… сите овие се кошаркари кои за неколку минути можат да нанижат и по десетина поени и да го добијат мечот за МЗТ Скопје.

Маркус Гинјард

Многу важно за Работнички ќе биде да се види во какво издание ќе се покаже Маркус Гинјард, Американецот кој блескаше во првиот дел од сезоната, но потоа поради повреда го пропушти финалето од Купот на Македонија и формата почна да му се движи во надолна линија. Ако Гинјард влезе во топ-ритам тешко е да биде запрен, станува играч со огромно влијание и во нападот и во одбраната на Работнички. Во полуфиналето против Куманово покажа дека влегува во посакуваната форма, Американецот е способен да ја вжешти атмосферата со атракции и уште повеќе да им дрилја на домашните кошаркари.

Се вчитува...