Почнува Купот на Конфедерации: Роналдо по нов трофеј, Германците со млади сили…

Со денешниот дуел меѓу Русија и Нов Зеланд (17 часот) и официјално ќе стартува Купот на Конфедерации, натпреварување кое вообичаено се организира како увертира за Светските првенства, една година пред фудбалските мундијали. Бранителот на трофејот Бразил овојпат нема да биде дел од Купот на Конфедерации, исто како и Франција, која со титулите во 2001 и во 2003 година важи за најтрофејна европска селекција во ова натпреварување.

Ова ќе биде идеален тест за Русија како домаќин на светскиот шампионат во 2018 година, но и на дел од селекциите кои максимално сериозно го дочекуваат ова натпреварување. Една од тие селекции дефинитивно не е Германија, откако актуелниот светски првак реши да допатува во Русија со својот „втор тим“, па селекторот Јоаким Лев ги остави дома речиси сите фудбалери кои пред три години се закитија со светската круна во Бразил.

За разлика од Германците, европскиот шампион Португалија допатува со својот најсилен состав, предводен од Кристијано Роналдо. Тој се наоѓа пред добивање на уште една „Златна топка“ откако освои нови трофеи со Реал Мадрид, но Роналдо не ја крие желбата да стигне до еден од ретките трофеи кои му недостигаат во неговата фантастична кариера.

Португалија е дел од групата А заедно со Русија, Нов Зеланд и со Мексико, селекцијата што утре ќе биде прв ривал на актуелниот европски првак. Во групата Б носител е Германија, потоа Чиле како освојувач на Копа Америка, заедно со селекциите на Австралија и на Камерун. Русија е единствената селекција во која сите репрезентативци на ова натпреварување настапуваат во домашното првенство, а чиста спротивност е Камерун, каде сите фудбалери се дел од лигите надвор од оваа африканска држава.

Три од досегашните девет изданија на Купот на Конфедерациите биле освоени од домашната селекција (Мексико 1999, Франција 2003 и Бразил 2013), процент што Русите ќе се обидат дополнително да го подобрат.

Финалето на Купот на Конфедерациите ќе се игра на 2 јули на стадионот во Санкт Петербург.

Се вчитува...